Нуредини ја стави Шара во привремена заштита, екологистите задоволни

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Министерот за животна средина Насер Нуредини ја стави Шар Планина во привремена заштита сè додека не биде прогласена за национален парк. Како што информираат од министерството, Нуредини денеска донел решение според законот за заштита на природата, за привремена заштита на делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување за заштитено подрачје во категорија II – национален парк. Процедурата за прогласување на Шара е пред финалната фаза, откако ја помина владината процедура и чека да започне собраниската постапка за конечно усвојување.

„Привремената заштита на подрачјето на кое се однесува решението се применува до денот на влегувањето во сила на законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк. За потсетување, Предлог- законот е одоборен од страна на Владата и во најскоро време се очекува да започне собраниската  постапка за негово усвојување“, информираат од министерството.

Насер Нуредини

Министерот Нуредини со овој потег делумно го послуша апелот на екологистите од 44 здруженија и иницијативи, кои неодамна со заеднички став побараа од него, додека траат административните процедури, да ја стави Шар Планина во привремена заштита, за да се спречи понатамошно уништување на природата и живиот свет. Екологистите тогаш побараа и ревизија на законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, бидејќи, сметаат дека предложениот не нуди заштита од негативното влијание на малите хидроцентрали и дека ќе овозможи изградба на нови во услови кога негативното влијание од постоечките врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.

„Го поздравуваме решението на министерот Нуредини, иако се однесува на само еден дел од нашето барање. Задоволни сме што барем во овој период ќе биде спречено спроведување на штетни проекти. Сепак, остануваме на ставот дека нови мали хидроцентрали во заштитени подрачја не смее да има, а факт е дека предложениот закон не нуди ваква заштита на Шар Планина. Заради тоа продолжуваме со нашите заложби да не се доделуваат нови концесии, а оние кои се веќе доделени, а не се изградени и не направиле штета, да се раскинат. На тоа ќе работиме и по прогласувањето на националниот парк и за време на изработката на планот за управување“, велат од невладината организација „Фронт 21/42“.

Со усвојување на законот за  прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, Македонија ќе го добие првиот национален парк од прогласувањето на независноста. Со, тоа, вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 отсто од севкупната територија.