Нуредини: Гас има доволно, Скопје-Север не треба да работи на мазут

Фото: Ria Puskas on Unsplash

Топланата Скопје- Север треба да користи гас, бидејќи во државата има доволни количини, рече денеска министерот за животна средина Насер Нуредини. Тој посочи дека овој енергетски објект, за разлика од топланите Исток и Запад, кои имаат А интегрирани дозволи и се под нивна надлежност, има Б интегрирана дозвола и надлежноста за контрола е во Градот Скопје.

„Очекуваме официјални информации од Градот Скопје какви се дозволите за работа на Скопје-Север. Но, во секој случај, познавајќи ги состојбите со квалитетот на воздухот во главниот град, но и фактот дека во државата има доволни количини гас, сметам дека топланата треба да работи на гас, а не на мазут“, вели Нуредини.

Тој, денеска на средба со новинарите информираше дека од продажбата на биоразградливи пластични кеси се собрани 120 милиони денари, кои ќе се инвестираат во инфраструктура за селекција на отпадот.

„На Општините ќе им купиме канти за селекција на пластика, хартија и лименки, со што ќе им овозможиме да воспостават систем за одвојување на отпадот што може да се користи како суровина. Сепак, услов за да добијат канти за општините ќе биде да мораат да склучат договор со некој од колективните постапувачи како Пакомак“, рече Нуредини.