Нуредини: Енергетската криза не треба да е изговор да се прекине процесот на декарбонизација

Фото Министерство за животна средина

Енергетската криза не треба да биде причина и пречка за продолжување на процесот на декарбонизација што веќе е започнат, а државите мора да ја следат генералната линија на зацртаните зелени политики и поставените климатски цели, порача денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на Енергетскиот форум за Југоисточна Европа, што се одржа во Солун, Грција.

Нуредини, заедно со колегите министри од државите од Југоисточна Европа и Источниот медитерански регион, во сесијата посветена на соработката за обезбедување енергетска сигурност надвор од границите, разговараа за изнаоѓање решение за надминување на енергетската криза.

„Како и сите држави, Република Северна Македонија се ориентира кон користење на домашните капацитети. За нашата држава се отворени и можностите што ги нудат интерконекторите за гас од соседните држави, Грција и Бугарија. Потребно е да се воспостави добра прекугранична соработка меѓу соседните земји и да се обезбеди взаемна поддршка во случај на потреба“, посочи Нуредини.

На маргините на настанот, министерот оствари средба со Лаура Локман, заменик помошник секретар за енергетска дипломатија во Бирото за енергетски ресурси на Стејт департменттот на САД. На средбата се разговараше за диверзификација на снабдувањето со енергија и општа енергетска состојба во Република Северна Македонија.

Енергетскиот форум на Југоисточна Европа е организиран во соработка со Американско-грчката стопанска комора и стратешкото партнерство на Атлантскиот совет и овозможи размена на мислење и ставови за состојбите во енергетиката на клучните креатори на политики, регулатори, претставниците на водечки бизниси, финансиери, академици и експерти од Грција од Регионот.