„Над 67 отсто од енергијата за земјава се обезбедува од јагленот, заради што транзицијата кон чисти извори е еден од приоритетите на кои мора да се посветиме. По пандемијата на Ковид 19, со која светот се соочи во изминатите две години, сега имаме војна во Европа. Двата примери ни укажаа дека С. Македонија се соочува со предизвик во синџирот на снабдување со енергија и со храна. Соочени и со климатските промени и обврските кои ги презема, земјата мора да направи промени и да работи на транзицијата и на енергетската независност“, посочи министерот за животна средина Насер Нуредини на денешниот настан за промоција на на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“ на граѓанската организација „Еко свест“, во соработка со Здружението на млади правници МЗПМ и Организацијата за заштита на природните вредности и луѓе-SNVP.
Нуредини истакна минатата година земјава донесе одлуки за климатска акција со кои стана лидер во регионот, особено со решеноста за намалување на емисиите на стакленички гасови за 51 отсто до 2030 година, во споредба со нивоата од деведесеттите години. Таргетирани се и главните пет сектори каде треба да се направи тоа, енергетиката, земјоделството и шумарството, индустријата, користењето земјиште и отпадот.
Тој посочи дека очекува политиките кои ги зацрта земјата во насока со справување со климатските промени до крајот на декадата да донесат над 8.000 нови зелени работни места. Земјата мора особено да посвети внимание на праведната транзиција од јагленот кон обновливите извори на енергија, а проектот за хидроцентралата Чебрен е добар чекор во таа насока.
„Ситуацијата во која се наоѓа светот мора да биде повик за будење дека ни требаат регионални решенија. С. Македонија мора да ја имплементира Стратегијата за енергетика која е услогласена со политиките за климатски промени. И Нацрт- законот за климатски промени е веќе готов, но неопходно е и сите институции да бидат подготвени да можат да го имплементираат. Законите не треба да бидат хартија која ќе фаќа прашина, туку треба да се спроведуваат. Во таа насока подготвени сме да соработуваме со граѓанските организации кои се гласот на народот“, рече Нуредини.
На промоцијата на проектот, кој е поддржан од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка-СИДА, Шведската амбасадорка, Кристин Форсгрен Бенгстон истакна дека е постигнат консензус дека ограничувањето на зголемувањето на температурите за 1,5 Целзиусови степени е единствениот пат за избегнување на силните влијанија на климатските промени во светот.
„ЕУ ја признава опасноста од климатските промени и итноста за акција. Посветени сме на целта за намалување на емисиите и обезбедување климатски неутрален континент до 2050 година. С. Македонија донесе смела одлука да го исфрли јагленот до 2030 година, иако сега половина од производството на енергија зависи од него. Ги поздравуваме за инвестиции во обновливи извори на енергија како трансформацијата на ТЕЦ Осломеј во соларна централа, хидроцентралата Чебрен и големата инвестиција во ветерни фарми во Куманово и Крива Паланка“, посочи Форсгрен Бенгстон.