fbpx

Нуредини: Амбициозни сме, но напуштањето на јагленот ќе мора да го одложиме за две години

-

„Северна Македонија е најамбициозната земја на Западен Балкан кога станува збор за намалување на емисиите на стакленички гасови, која цели кон целосна транзиција и напуштање на употребата на јаглен. Сепак, веројатно ќе треба процесот да го одложиме за уште една или две години, бидејќи реалноста е дека ние исто како и секоја земја во Европа, почнавме да користиме повеќе фосилни горива“, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој деновиве учествува на годишниот состанок на Иницијативата за региони со јаглен во транзиција за Западен Балкан и Украина чија цел е да овозможи дијалог и споделување на знаењата помеѓу засегнатите страни за постепено напуштање на јагленот како дел од енергетската трансформација кон употреба на чисти и обновливи извори на енергија во регионот.

Нуредини посочи дека земјава е посветена на Стратегијата до 2030 година и дека останува на плановите за зелена транзиција, но процесот што требаше да се случи до 2028 година ќе треба да биде одложен.

„Како држава, за жал, произведуваме само 75% од енергетските потреби за нашата земја, а увезуваме приближно 25 отсто од енергијата. Сегашните цени во Европа многу силно го погодија буџетот, па мораме да прераспределуваме, да бидеме флексибилни, да ставиме во мирување некои проекти кои се сметаат за важни кон процесот на пристапување во ЕУ, затоа што сега единствено се фокусираме на одржување на цените на енергијата да бидат пониски за нашите граѓани“, истакна Нуредини.

Тој ја истакна и потребата од регионална соработка преку интеграција и што е можно повеќе регионални проекти како решение на проблемите, додавајќи посебен акцент на техничка поддршка и поевтина технологија, со што овој процес на зелена транзиција ќе биде полесен и финансиски издржлив за земјата.

Иницијативата за регионите со јаглен кои се во транзиција во Западен Балкан и во Украина е основана во декември 2000 година, за да им овозможи на земјите од регионот полесна и праведна транзиција кон јаглеродно-неутрална економија. Таа им обезбедува на регионите што користат јаглен пристап до финансиски средства за проекти и програми за транзиција. Иницијативата е водена од Европската комисија и нејзините меѓународни партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...