Српските државни медиуми ја менуваат реториката во известувањето за огромните протести кои се одржуваат во земјата, пишува Њујорк Тајмс, а пренесе Н1.
Државната телевизија РТС во голема мера ги игнорираше студентските блокади против претседателот Александар Вучиќ,пишува Њујорк Тајмс, но сега ги насочи рефлекторите кон протестите.
Кога десетици илјади демонстранти овој викенд ги блокираа трите клучни мостови преку реката Дунав во Нови Сад, парализирајќи го вториот по големина град во Србија, владејачката партија издаде остро предупредување – не кон студентите и граѓаните, туку кон јавниот сервис кој известува за нив.
„Откако, во главно, ги игнорираа тримесечните улични демонстрации кои ги воделе студентите низ целата земја, Радио-телевизија Србија (РТС), која долго време беше пропаганден мегафон на претседателот Александар Вучиќ, изненадувачки ја променија реториката и ги ставија протестите во Нови Сад меѓу првите вести“, пишува Њујорк Тајмс.
Српската напредна странка на претседателот Вучиќ се пожали во необично соопштение за „скандалозното известување” на оваа телевизија, наведувајќи дека „грубо ја злоупотребила новинарската професија, ставајќи се на страна на политичарите кои сакаат да го уништат уставниот поредок на Република Србија”.
Контролата на медиумите беше централниот столб на српскиот систем под Вучиќ, овозможувајќи му да издржи повеќе рунди протести преку демонизација и дискредитирање на демонстрантите и да ја задржи цврстата власт повеќе од 12 години, проценува Њујорк Тајмс.
Меѓутоа, многумина сега се прашуваат дали му опаѓа контролата над медиумите, а со неа, можеби, и сè повеќе авторитарното владеење на претседателот.
„Ова е мала, но веројатно револуционерна промена“, изјави Јасмина Пауновиќ, државна обвинителка со долгогодишно искуство.
Таа додава дека долгогодишните ројалисти се колебаат низ целиот систем, додека се „ослободуваат од стравот“ од губење на државни работни места или соочување со дисциплински мерки.
Адвокатската комора на Србија во неделата изгласа адвокатите да ја прекинат работата на еден месец, во знак на солидарност со студентите, кои ги блокираа кампусите низ целата земја.
Протестите во Нови Сад, кои се одржаа три месеци по трагичната несреќа во која настрадаа 15 луѓе по срушувањето на надстрешница на железничката станица, привлекоа не само студенти од локалните универзитети и Белград, туку и голем број постари луѓе.
Вучиќ, уверен дека неговата партија може да ги победи поделениите опозициски партии на секои нови избори, имајќи го предвид нееднаквиот изборен терен, од тогаш ветуваше дека ќе започне офанзива против своите политички противници и дека ќе распише општи избори, ако парламентот не одобри нова власт по негов вкус.
„Нема да ја дадам на никој оваа држава на тацна. Ќе се борам, ќе се борам, ќе се борам“, им рече Вучиќ на поддржувачите.
Небојша Влаисављевиќ, професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград, ја опиша Србија како „спин диктатура“, која, како и другите посткомунистички влади во соседна Унгарија и на други места, е „помалку репресивна, но многу повеќе манипулативна“.