НП „Шар планина“ сѐ уште не е во функција, граѓаните се жалат на заканите за планината

Фото: Фисник Џелили/Порталб

Нацрт-планот за управување со Националниот парк „Шар Планина“ за периодот 2022-2031 година има нејаснотии во толкувањето. Ова беше еден од проблемите што беа посочени во јавната расправа за Шар Планина, за што Министерството за животна средина и Даниел Богнер, експерт за управување со заштитени подрачја, ветија дека ќе ги поправат во наредниот период. Новата јавна установа „НП Шар Планина“ сѐ уште не функционира, пишува Порталб.мк.

Во однос на управувањето со националниот парк, претставниците на надлежните органи истакнаа дека има многу работа. За таа цел вчера, врз основа на Законот за заштита на природата и Законот за животна средина, во Универзитетот во Тетово, се одржаа две трибини за информирање и дискусија.

Граѓаните, меѓу другото, го истакнаа проблемот со малите хидроцентрали, фондовите на паркот, односите со локалната самоуправа за туризам и урбанизам, управувањето со отпадот, за што според министерот за животна средина надлежни остануваат општините, проблемот со сечата на дрвјата и потребата на жителите од планинските села за дрвја, болеста на костенот што ги суши дрвјата, заштитата на ретките растенија, субвенционирањето на локалните жители, заштитата на пчелите од мечките, поефикасното управување со Попова Шапка, како на пример ставање во функција на жичарницата, паркинзите, транспортот, скијачките патеки да бидат во активната зона и одржливи.

Кога станува збор за скијачките патеки, се покажа дека има недоразбирање во толкувањето на нацрт-верзиите, бидејќи таму има елементи кои не се совпаѓаат, и ветено е дека тоа ќе се реши.

Граѓаните велат дека покрај убавините, Шар планина има и закани, како што се поплавите. Во однос на тоа, министерот за животна средина Насер Нуредини рече дека е резултат на лошото управување. Жителите, исто така упатија критики, велејќи дека иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е од 1997 година и, како што рече еден жител, доколку тоа се сфатело сериозно, денес немаше да има хидроцентрали.

За хидроцентралите во заштитеното подрачје на паркот, Нуредини рече дека нивната изградба ќе се забрани, додека во однос на оние што се во фаза на градба, министерството ќе раскине пет до шест договори и ќе плати обештетување, за тие да не се изградат. Што се однесува до постоечките хидроцентрали, министерот рече дека ќе има почести контроли.

Се спомена и изградбата на тунелот Тетово-Призрен, при што директорот на НП „Шар Планина“, Ибрахим Дехари, рече дека тие до Министерството за транспорт дале негативно мислење поради штетите што може да се нанесат на паркот и природата.

И покрај тоа што помина повеќе од една година од прогласувањето на Шар Планина за национален парк, тој сѐ уште не функционира. Канцелариите сѐ уште не функционираат, нема вработувања и други неопходни работи.

Министерот за животна средина истакна дека подобро е малку да се одложат процедурите, но да се биде успешен на крајот, наместо да се брза и да се погреши.

„Не сакаме да создадеме музеј, туку во областа на националниот парк сакаме да создадеме нова оддржлива економија“, рече Нуредини.

Канцелариите на Националниот парк ќе бидат во Тетово, во центарот на Гондолата во правец кон Попова Шапка и се очекува да бидат отворени наскоро.

Но, засега таму е вработен само директорот. За НП „Шар Планина“ потребни се приближно 80 вработени, додека од Националниот парк за годинава се планирани само 15 вработувања, а останатите за следните години.

Нуредини, меѓу другото, нагласи дека се во разговори со потенцијален инвеститор за Попова Шапка, и рече дека има нешто конкретно на што работните групи работат, но дека се очекува да информираат во наредните месеци.

Забелешки и предлози може да се поднесуваат уште 10 дена, од денес, на следните контакт адреси:
Јавен институт Национален парк Шар планина Ул. Његошева, бр.3, 1200 Тетово, Република Северна Македонија или на е-маил адресата: [email protected] и копија до Министерство за животна средина и просторно планирање, Плоштад „Пресвета Богородица“ бр.3, 1000 Скопје, адреса на е-пошта: [email protected]

Потсетуваме дека дел од Шар Планина за Национален парк беше прогласен во јуни 2021 година.

Шар Планина го заокружи регионот под заштита кој се протега на три држави и опфаќа прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244.617 хектари.

Националниот парк на Косово постои од 1986 година, додека во Албанија има заштитено подрачје Кораб, во категоријата природен парк од 2011 година. На тие подрачја им се додаваат и Националниот парк „Маврово“ и ново прогласениот парк „Шар Планина“, така што целата област со исклучителни биолошки и естетски вредности добива интегрална заштита. Националниот парк во земјава зафаќа територија од 49.520 хектари.

Областа на новиот парк опфаќа 30 села со нешто повеќе од 26.000 жители, кои ќе можат да развијат рурален еко-туризам, традиционални начини на приготвување храна, создавање локални брендови за храна, отворање ресторани или одгледување земјоделски производи, сѐ во рамки на зачувувањето на вредностите на природните ресурси на Шар Планина. Накратко, се очекуваат голем број придобивки, не само во зачувувањето на природата, туку и социо-економски и демографски придобивки.

На целата територија на Националниот парк „Шар планина“ нема да се дозволи изградба на нови хидроцентрали, рудници и ископување рудници, нема да се прават геолошки истражувања и поставување гасоводна инфраструктура. Во сите области што ќе се управуваат од НП ќе биде забрането одгледување на алохтони (неавтохтони) и инвазивни растенија и животни, предвидено е во Проектниот план за управување со националниот парк кој беше претставен во ноември минатата година.

Во строго заштитеното подрачје на Шара нема да може да се градат куќи или патишта, да се движат возила, ниту да се гради инфраструктура, да не се жнеат растенија или да се отвораат езерца за одгледување риби.

Во Проектниот план за управување со Националниот парк „Шар планина“, покрај заштитените подрачја и активностите што ќе бидат дозволени, се регулирани и потенцијалите и можностите за одржлив развој на подрачјето. Планирани се повеќе од стотина активности во повеќе области кои ќе може да се реализираат.

Буџетот за финансирање на паркот, според нацрт верзијата на планот за управување, е милион евра за функционирање на паркот и два милиони евра за реализација на научно – истражувачки активности и програми.

Меѓу најголемите закани за природата и биодиверзитетот на Шара се сечата на шумите, отпадот, големата фреквенција на моторни возила во сите области, собирањето шумски производи, како и појавата на папрати како резултат на запоставување и покривање на напуштените земјоделски површини.

Границите на националниот парк се поделени во четири зони, строга заштита, активно управување, одржлив развој и заштитен појас.

Автор: Фисник Џелили