Почина родилката позитивна на ковид-19 од Куманово на возраст од 27 години, информираа од Министерството за здравство. Таа на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје роди недоносено машко новорoденче, негативно на вирусот.

Инаку денешниот биланс е 18 новозаразени во последното деноноќие. Пет пациенти се испишани од Клиниката за инфективни болести и испратени на домашно лекување, а две лица починале.

„Родилката беше префрлена на Инфективната клиника на 31 март поради влошена клиничката слика и отежнато дишење. И покрај напорите на лекарите, брзиот и агресивен развој на болеста беше фатален. Клиниката за гинeкологија и акушерство информира дека бебето е во добра состојба, на интензивна нега и под постојан надзор на тимот од клиниката“, информираат во министерството.

На Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје почина едно лице од Куманово на возраст од 73 години. Во својот стан во Кавадарци е пронајдено починато лице на возраст од 44 години, кај кого постмортем е земен брис и истиот вчера потврдил присуство на вирусот. Во денешната статистика е вметнат и пациентот кој вчера почина на пат кон болницата „8 Септември“.

Од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје денеска се испишани петмина оздравени пациенти, кои по два негативни контролни бриса, во добра општа состојба заминуваат дома. На оваа Клиника примени се четири нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои седуммина пациенти се на механичка вентилација.

Во болницата „8 септември“ примени се четворица нови суспектни пациенти на коронавирус. Вкупната бројка на позитивни и суспектни на Ковид-19 во оваа болница е 26 пациенти, од кои осум се во тешка состојба, а тројца пациенти се на респираторна машина.

Од поетокот на епидемијата, во државава заболеле вкупно 617 лица. Триесет и пет се излечени, а 29 починале.