Новото училиште во Мала Речица отворено само за учениците од прво и второ одделение

ОУ „Наим Фрашери“ во населбата Мала Речица, Тетово. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Новото основно училиште „Наим Фрашери“ во Мала Речица никако да започне да работи со полн капацитет. И овој 1 септември таму не започнаа да учат ученици од сите одделенија. Во новиот објект влегоа само учениците од прво и второ одделение, а кога ќе започнат останатите, не се знае. Општината бара Министерството за образование позитивно да одговори за новите финансирања, а министерот за образование вчера го посети објектот и рече дека истиот е комплетиран, пишува Порталб.мк.

И покрај тоа што министерот за образование најави дека таму ќе се организира образовниот процес, вчера со настава започнаа само првите и вторите одделенија. Министерот Јетон Шаќири рече дека ја комплетирале целата документација за 1 септември да се дочека подготвено.

„Со среќа училиштето, среќно на сите. Сета документација е усвоена, сега е под управување на Општина Тетово, во максимален рок од две до три недели, ги исполнивме сите барања и од Општината и од министерството, сѐ е надминато и тоа припаѓа на учениците. Не започнува со недостиг на кадар“, изјави Шаќири.

Но, првиот човек на Општина Тетово вели дека таму сѐ уште не е прилагоден системот на ученици и наставниот кадар.

„За жал, ова училиште во минатото беше многу злоупотребено политички. Информиран сум дека во делот на документацијата, образовниот сектор заедно со министерството имаат средено некои проблеми. Останува да се средат дворот и надворешните простори и да се организираат учениците и наставниот кадар, значи наша најголема заложба ќе биде што поскоро да ги искористиме овие услови“, вели градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Сè уште не е познато кога другите одделенија ќе почнат да учат во овој толку очекуван објект. Касами рече дека се во фаза на префрлање на учениците и наставниот кадар и дека училиштето полека ќе почне да ги исполнува сите услови за учениците и потребниот наставен кадар.

„Учениците од прво одделение сега веќе започнаа, а сме во фаза на организација, односно пополнување со ученици на другите одделенија, и заедно со нив да се префрли и дел од наставниот кадар, но секако дека ќе имаме потреба и за дополнителен кадар. Заедно со секторот за образование навремено побаравме од МОН и ново и старо финансирање, за жал не добивме одговор ниту за едното ниту за другото. Јавно бараме од МОН позитивно да одговори за новото и старото финансирање“, рече Касами.

Училишната зграда е завршена пред една година и се отвори симболично само за првите одделенија на 1 септември минатата година.

Пред неколку седмици имаше некоординираност и несовпаѓање во изјавите од Министерството за образование и Општина Тетово што се однесува до техничкото примо- предавање на училиштето, и токму Порталб.мк ги истакна овие прашања, кои потоа беа решени.

Училиштето се изгради по 9 години предизборни ветувања. Тоа претставува голема потреба, оти од оваа населба има околу 1.000 ученици што посетуваат настава на неколку километри оддалеченост од нивните домови, еден дел во Голема Речица, а останатите во училиштето „Наим Фрашери“ во Тетово. Порталб.мк континуирано ја следи динамиката на работите и случувањата во ова училиште.

Инаку, во општина Тетово вчера учебната година ја започнаа 1.033 првачиња во 12 основни училишта и близу 800 ученици во прва година во средните училишта. Бројот на ученици од прва година во средните училишта се очекува да биде поголем, бидејќи се очекува одобрение од Министерството за образование и наука за намалување на уписните бодови.

Пишува: Фисник Џелили, Порталб