Специјалното јавно обвинителство на почетокот од септември својата работа ќе ја продолжи во новите простории на улицата Франклин Рузвелт, каде привршуваат адаптацијата и подготовките на објектот, потврдуваат за „Мета“ од СЈО.
„Привршуваат подготовките на новиот објект и во тек е процесот на преселба во новите простории. Очекуваме веќе на почетокот на септември да продолжиме со работа таму“, се вели во одговорот на СЈО, на нашето прашање до каде е подготовката и дали од септември Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи да работи во новите простории, како што беше најавено.
Утрово пред новите простории на СЈО го затекнавме само униформираниот полициски службеник, кој ја обезбедува зградата. Тој, откако му објаснивме зошто сме таму, кратко ни рече дека тука ќе бидат просториите на СЈО, но оти не знае кога ќе почне со функција бидејќи сè уште се работело и се уредувал просторот.
Впечатокот однадвор е дека градежните зафати се завршени и дека останува само доопремувањето на просториите.