Во овој напис ви ги претставуваме поновите кинески игри од кои повеќето се во најава, кои ги немаме спомнато претходно, иако за голем број од хитовите од истиот домен може да прочитате овде.
Се работи за различни кинески игри каде тоа што е заедничко е „Soulslike“ комбатот, односно борбите со сечива се базираат на дефлектирање, парирање, избегнување удари и враќање со силни удари на противникот со поголема сила и помоќни удари и финишери со крвави анимации и атрактивна кореграфија на потези и кај играчот и кај непријателите.
Longevity Yin and Yang
Оваа игра има и отворен свет со загатки и истражување и голема употреба на мотиви од кинеската митологија, но борбите се направени за навистина вешти играчи каде на моменти оваа игра заличува на Секиро и истовремено на Сенуа серијалот во надоградениот начин на мечување и кул потези од боречки вештини имплементирани и со кратки анимации за инвентивни финишери -докрајчувања на противниците. Во оваа игра играте јунак којшто ги балансира енергиите на Yin и Yang како ресурси и борбена механика во играта. Графички се истакнува квалитативно, а и дизајните на изгледот на непријателите е впечатливо направен. Играта нема конкретен датум за излегување освен тоа што е спомнато дека ќе излезе или годинава или следната година.
Heroes of Ying Jong
Иако насловот е сличен, не се работи за истата претходно спомната игра, туку за RPG игра каде се рекреирани преку стотина вистински кинески локации и имплементирани во истражувањето на отворениот свет.
Heroes of Ying Jong е симплифицирана верзија дури и намерно направена не премногу сериозно да кореспондира и со помладата популација на гејмери, иако содржи базичен Soulslike комбат, светлосните ефекти во текот на дуелите и битките се базираат на искрење и индикатори и не блескаат претерано или целовремено, што знае да биде случај во определени игри како што е тоа случајот во Black Desert Online и Honkai: Star Rail каде светлосните ефекти се претерани и пречести.
Оваа игра ја намалува сериозноста според самиот изглед на ликовите, но истовремено захтева и вештина на која ќе се прилагодат и просечните гејмери со поголема леснотија. Heroes of Ying Jong ќе има верзија за PvP (Играње на играчи едни против други) најавена да излезе во 2027 година, додека за целосното објавување на играта се планира да биде дури во 2029 година.
Swords of Legend
Насловот Swords of Legend припаѓа на категоријата на посериозни игри, во кои лесно се гине, но затоа и достигнувањата при победување главни непријатели нуди многу заслужена сатисфакција. Ликовите се реалистично анимирани во фантазиски „Вуксија“ сетинг, а приказната ве води низ соочувања со морбидни состојби и гротескно одвратни непријатели во свет каде луѓето, боговите и духовите живеат во исто поле на постоење и самата игра е продолжение на познат кинески серијал, во Single Player издание. Пресвртите и препознавањата како и карактеристичните ликови се многубројни во Swords of Legend. За играта уште нема конкретен датум кога ќе излезе на пазарот.
Daba: Land of Water Scar
Daba е игра што највеќе потсетува на графички надградена верзија на Dark Souls II играта што е најтешка да се напредува во целиот Dark Souls серијал, но секако се работи за посебна игра иако околините знаат драстично да потсетуваат и на Елден Ринг во Кинески сетинг. Според приказната играте со лик-марионета која полека низ борби се здобива со своја есенција и душа, а приказната во постапокалиптичен епско-фантазиски свет се открива со истражување во класичен- случајно стекнат стил на Soulslike игрите.
Борбите воопшто не се едноставни, а атмосферата е одлично сработена како за мрачна фантазиска игра каде непријателите не оставаат ниедна грешка да биде неказнета. Секако Daba преставува виден предизвик од видеоигра за да се заврши до крај. Daba: Land of Water Scar е најавена да излезе на пролет во 2027 година.
Масовната продукција на кинески игри е во подем и гејмерите ширум светот верифицираат дека ваквите игри се навистина вредни за нивното време, затоа што се навистина квалитетно сработени и не се воопшто лесни. Скорешно убедливо најуспешна кинеска онлајн видеоигра е Where Winds Meet која освои награда годинава за најдобра игра на мобилен телефон на настанот Gamescom 2026 и на која за чудо потсетуваат сите горенаведени наслови на различни начини. За Where Winds Meet може повеќе да прочитате овде, а за други попознати актуелни наслови од кинеско производство од кои поголем дел се во исчекување може да прочитате тука.
