Новогодишни „желби“ до институциите во последното издание на „Шорткат“ за 2021 година

Вечерва во 19 часот ќе биде емитувано последното издание на емисијата за млади „Шорткат“ за оваа година.

Во него се потсетуваме на најзначајните прилози што ги изработивме во изминативе 17 епизоди, а кои вклучуваа теми и настани што се особено важни за младите во земјава.

Од интервјуто со Миа, по кое Министерството за здравство започна со набавка на безболни сензори за мерење гликемија, преку прилогот за селекција на отпад и решавање на статусот на неформалните селектирачи на отпад со „РЕДИ“ и „Гоу Грин“, до приказната на Ангел и неговите лагота кои го добија нивниот дом и сега се горди сопственици на првата плантажа засадена со фиданки микроризирани со црн летен македонски тартуф – дел од нештата за кои објавивме успеавме да ги промениме на подобро.

За оние предизвици, пак, за кои направивме прилози, а немаше никаква реакција од институциите, упатуваме новогодишни „желби“ до надлежните за решавање на овие проблеми во новата 2022 година.

Младиот Анди Исмаили кој на само 13 години веќе е двократен светски шампион во танцување модерен балет, ги сподели успесите со нас, а до сите млади лица упати порака за следење на нивните соништа.

МОФ го презентираше своето истражување кое покажа дека над 56 отсто од младите се изјасниле дека државата не придонесува до оние кои живеат во руралните средини, а мнозинството сметаат дека нема придонес ниту кон младите кои живеат во сиромаштија и младите со попреченост. Една четвртина од младите рекле дека квалитетот на животот им се влошува. Во руралните средини најдостапна содржина за забава на младите се ноќните клубови, а само една третина рекле дека можат да посетат театар или да одат на концерт.

Со предизвици се соочуваат и младите без родители по напуштањето на установите и семејствата откако ќе наполнат 18 години. Животните приказни на Христијан Јованов, Иван Усовски и Сербез Ридаров по напуштањето на детскиот дом „11 Октомври“ се прикажани во краткиот документарен видео запис „Исправени пред предизвиците“.

Нуркачите ја накитија подводната новогодишна елка во Охридското езеро.

Не пропуштајте го последното претпразнично издание на емисијата „Шорткат“. Среќни празници!