По вчерашното опожарување на автомобил, денеска се случи уште еден пожар, овој пат на џип „туарег“, кој е делумно оштетен од огнот. Пожарникарите не биле повикани да интервенираат, ниту е пријавено во ППТЕ Штип. Од полицијата го потврдуваат случајот.

Во СВР Штип е пријавено дека во село Стар Караорман настанал пожар, од кој делумно било оштетено патничко моторно возило „туарег“, со бугарски национални ознаки, сопственост на Б.Ј.(58) – соопштија од СВР Штип.

Нема информации дали возилото намерно е запалено, како во претходните неколку случаи, но со денешното, вкупно 21 возила се опожарени од почетокот на годинава.

Во недостиг на повеќе информации од истражните органи, во Штип има бројни шпекулации. Најзастрашувачка е таа дека има список за опожарување на 40-тина возила, сопственост на сегашни и поранешни функционери, бизнисмени и политичари.  

„Туарег“-от е седмо опожарено возило во изминатите шест дена во Штип.