Ново истражување открива дека времето поминато во играње видео игри не влијае врз менталното здравје

фото: Mateo на Unsplash

Малку до никакви докази, открила студија спроведена со 39.000 гејмери во однос на поврзаноста меѓу времето поминато во играње видео игри и влијанието врз нивната ментална благосостојба, јавува „Би-би-си“.

Според истражувањето, за да се забележи било каква разлика, просечниот играч би требало да игра повеќе од 10 часа од вообичаеното дневно време. Истовремено, поголемо влијание врз менталното здравје имале причините поради кои времето се поминува во играње видео игри.

Благосостојбата на играчите била мерена преку прашања за личното задоволство од животот и нивоата на емоции како среќа, тага, лутина и фрустрација.

Ваквите резултати се спротивни на истражувањето од 2020 година, спроведено од истиот оддел на Институтот за Интернет на Оксфорд. Тогашната студија била спроведена со многу помала група на играчи, а резултатите покажале дека оние кои играле подолго, биле посреќни.

„Здравиот разум вели дека ако имате повеќе слободно време да играте видео игри, веројатно сте посреќна личност, Но, спротивно на она што може да го мислиме за тоа дали игрите се добри или лоши за нас, во новата студија откривме прилично убедлив доказ дека тоа колку долго играте, навистина нема никакво влијание врз промените во благосостојбата“, вели професорот Ендрју Пржибилски, кој работел на двете студии.

Во студијата биле вклучени и технолошки компании како „Сони“, „Мајкрософт“ и „Нинтендо“, кои, со согласност на играчите, обезбедиле податоци од неколку игри, меѓу кои „Animal Crossing: New Horizons“, „Apex Legends“, „Eve Online“, „The Crew 2“ и други.

„Би-би-си“ потсетува дека во Кина на децата им е дозволено да играат само еден час дневно, во петок, сабота и недела, но и дека многу гејмери ширум светот велат оти гејмањето им помага во одржување на нивното ментално здравје.