Грчкиот портал newsbreak.gr објави текст во кој, почнувајќи од насловот, се демонстрира голема нервоза поради тоа што новата пратка од 100.000 обрасци за македонски пасоши која се очекува кон крајот на март ќе биде од „старите“, односно на нив ќе пишува „Република Македонија“, а не „Република Северна Македонија“.

Притоа се тврди дека е тоа спротивно на Преспанскиот договор.

Текстот не е редакциски, туку е реакција на Марија Мотика, истражувач од Институтот за меѓународни односи од универзитетот Пантеон.

Изнесувајќи ги горе-долу верно развојот на ситуацијата и изјавите на актуелниот македонски министер за внатрешни работи Наќе Чулев и претходниот, актуелен премиер, Оливер Спасовски во нивната конфронтација околу кризата со пасошите, Мотика нагласува дека Чулев неодамна изјави дека 100.000 обрасци ќе пристигнат на 24 март или порано, a другата пратка треба да пристигне во септември или октомври, а дека ќе го носат старото име.

Мотика вели дека тоа што сега не се прават обрасци со новото име Република Северна Македонија е во спротивставеност со Преспанскиот договор „кој предвидува сите термини „Македонија“ и „РМ“ да престанат да се користат во официјален контекст а дека сите нови официјални документи мора да бидат во склад со тоа“.

Но тоа не соодветствува на одредбите на Преспанскиот договор. Поточно, Мотика цитира дел од став 9 од членот 1 од Преспанскиот договор, но целосно го игнорира ставот 10 од истиот член, кој вели дека има преоден период од пет години за да се спроведе предвиденото во ставот 10, односно пет години од стапувањето на сила на Договорот.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.

Преспанскиот договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година, откако Собранието ги изгласа уставните измени (претходно, на 25 јануари 2019 грчкиот парламент го ратификуваше Преспанскиот договор), односно изминато е само малку повеќе од една година откако е тој на сила, а рокот од пет години истекува на 12 февруари 2024 година.