Новите екоавтобуси на гас на ЈСП-Скопје, произведени од германската компанија MAN, од денеска почнаа да сообраќаат на градските линии во Скопје. Градските власти информираат дека возачите коишто ги возат новите автобуси на линиите 2, 5, 15 и 57, имаат поминато стручна обука од сертифициран возач од Хрватска.

„Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на Euro 6. Овој тип на автобуси е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ бидејќи емитуваат значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, информираат од Град Скопје.

Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, односно во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

Од Градот Скопје информираат дека кинеските автобуси на дизел што биле набавени пред 8 години чинеле премногу и секојдневно се расипувале, а ЈСП со години има проблем поради непостоењето овластен застапник во земјава, а со тоа и недостаток од сервисна и техничка поддршка.

За патниците новите автобуси ќе значат поголем комфорт во патувањето, земајќи го предвид фактот дека бројот на места за седење и стоење во овие автобуси е поголем од двокатните кинески возила. Зглобните екоавтобуси што почнаа од денеска да сообраќаат можат да примат речиси двојно повеќе патници во однос на кинеските автобуси.

„За разлика од претходните автобуси набавени од старото раководство, за да се избегнат проблемите при одржувањето, овојпат во цената на секој нов MAN екоавтобус е вклучено и одржувањето на автобуси како промена на масло, филтри и лесно отстранливи дефекти во гарантниот период од 3 години, како и специјален наменски алат за сервис и одржување на автобуси, кој е изработен од специјални материјали (комбинација на пластика, алуминиум и нерѓосувачки челик). Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра“, информираат од Град Скопје.

Во моментот на улиците на Скопје возат 25 нови екоавтобуси на гас од кои 20 се единечни и 5 зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси што се дел од договорот што го потпиша Градот за набавка на 33 нови екоавтобуси, односно 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници.