Новите домови во Англија од догодина ќе мора да имаат полначи за електрични автомобили

електричен автомобил
фото: Ernest Ojeh на Unsplash

Новоизградените домови и згради во Англија со закон ќе бидат обврзани да инсталираат полначи за електрични возила почнувајќи од следната година, најави премиерот Борис Џонсон, а пренесе „Би-би-си“.

Новиот закон ги опфаќа и новоизградените супермаркети, објектите на компании и зградите кои ќе подлежат на големо реновирање. Со ова, британските власти очекуваат секоја година да бидат инсталирани до 145.000 полначи за електрични автомобили.

Одлуката на англиските власти доаѓа откако Велика Британија најави дека продажбата на бензински и дизел автомобили ќе биде забранета, почнувајќи од 2030 година. Преминувањето кон електрични возила е дел од стратегијата на Обединетото Кралство да ги достигне климатските цели, откако беше утврдено дека автомобилите и такси возилата сочинуваат 16 отсто од емисиите на Обединетото Кралство во 2019 година.

Премиерот Џонсон рече дека Велика Британија радикално ќе ги промени своите автомобили, камиони, автобуси и другите средства за транспорт.

„Силата што ја движи таа промена нема да биде владата, ниту бизнисите, туку потрошувачите. Тоа ќе бидат младите луѓе на денешницата, кои можат да ги видат последиците од климатските промени и ќе бараат подобро од нас“, изјави Џонсон.

Во моментов во Велика Британија има околу 25.000 локации со полначи за електрични автомобили. Продажбата на електрични возила во земјата расте – 10 отсто од продадените автомобили во 2020 година биле електрични, додека нивниот процент во 2018 година изнесувал 2,5 проценти.