fbpx

Новите договори за парно греење се објавени на веб-сајтот на ЕСМ, потрошувачите да ги потпишат и достават на пунктовите

-

Од денеска, новите договори за парно греење кои потрошувачите треба да ги склучат со ЕСМ Снабдување со топлина се поставени на интернет-страницата на ЕСМ, а ќе бидат објавени и на официјалните канали на социјалните мрежи на новиот снабдувач, информираа од Електрани на Северна Македонија.

Потрошувачите треба да ги симнат договорите, да ги испечатат и да ги пополнат, по што два пополнети примерока треба да бидат доставени во еден од наплатните пунктови, со приложување на документ за лична идентификација и една фактура или копија од претходниот снабдувач. На овој начин, сметаат од ЕСМ Снабдување со топлина, ќе се намали времето на задржување на потрошувачите во пунктовите, бидејќи документот ќе биде веќе пополнет од нивна страна дома.

„Доколку потрошувачот нема одредени податоци кои се бараат во договорот и не ги внел, како број на имотен лист или друго, тие податоци ќе му бидат внесени од службениците на шалтер кои имаат електронски пристап до Катастар и ќе проверат на лице место. Значи граѓаните нема потреба да одат да вадат други документи за да го пополнат договорот. На шалтер ќе го потпишат договорот и со тоа постапката е завршена“, изјави Александра Маројевиќ, помошник-директор за топлинска енергија во АД ЕСМ.

Договорот треба да го поднесе лично потрошувачот на чие име се води сопственоста на станбениот простор во објектот. Доколку сопственикот на имотот не е присутен во државата и затоа не е во можност лично да појде во наплатниот пункт, засега може да ополномошти друго лице, кое во негово име ќе го потпише потребниот договор.

Тековно ќе се изнаоѓаат решенија и за други корисници, кои од лични, здравствени причини или поради возраста не можат да ги напуштат своите домови. На овие граѓани ќе им биде овозможено договорите да ги склучат во нивниот дом.

Доколку е настаната статусна промена на сопственост – купопродажба, решение за наследување и слично, новиот потрошувач потребно е да приложи на увид документ за идентификација, како и  документ со кој се докажува сопственоста на станот или објектот, како што е имотен лист, купопродажен договор или решение за наследување.

Маројевиќ додаде дека се работи на тоа во следниот период договорите да се испраќаат и по пошта за потрошувачите кои во меѓувреме не се префрлиле на новиот снабдувач и кои од свои причини не можат да пристапат на страната и да го симнат и испечатат договорот.

Од ЕСМ Снабдување со топлина напоменуваат дека греењето ќе се испорачува непрекинато додека тече префрлањето на граѓаните од еден на друг снабдувач и дека во ниеден момент испораката нема да биде загрозена.

Заклучно со вчерашниот ден биле склучени 3.000 нови договори.

Маројевиќ се осврна и на прашањата зошто во овој период не се испорачува топлина навечер и потенцираше дека динамиката и интензитетот на греењето кое се испорачува се регулирани со мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и тие се исти како што биле и со претходните снабдувачи.

Таа појасни дека според правилата, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите во месеците октомври и ноември, односно на почетокот од грејната сезона, зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот.

„Така, за периодот од почеток на грејната сезона до 15 ноември, доколку е времето сончево и мирно, а надворешната температура е повисока од 11 целзиусови степени, во периодот меѓу 9 и 14 часот работата на котлите се прекинува. Ако пак времето е облачно, котлите се гасат кога надворешната температурата ќе порасне над 14 степени. Следно мерење се прави во 18 часот, и греење се вклучува ако температурата во 18 часот е 15 или пониска од 15 степени. Така што, оваа грејна сезона не е ништо поразлична од ланската или таа пред неа“, појасни Маројевиќ.

Од ЕСМ Снабдување апелираа до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...