Новиот Закон за инспекција во животната средина усвоен, треба да обезбеди поефикасни контроли на загадувачите

Фото: Ria Puskas on Unsplash

Законот за инспекциски надзор во животната средина, по неколку години доцнење, денеска, конечно беше усвоен од Собранието. Новиот закон, што го изработи Министерството за животна средина и просторно планирање, треба да обезбеди реформирање и подобра организација и соработка на инспекциските служби на централно и на локално ниво, што треба да резултира со подобра и поефикасна заштита на животната средина.

Од Министерството се задоволни што законот конечно е донесен и посочуваат дека главните елементи на новиот правен акт се во насока на воспоставување на координирано планирање на инспекцискиот надзор на целата територија на државата.

„Со донесувањето на овој закон ќе се добие повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина со кое ќе се обезбеди надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси, соодветно планирање на инспекцискиот надзор на централно и локално ниво во согласност со политиките за животна средина, како и подетално уредени постапки за итните и вонредните надзори“, соопштуваат од Министерството.

Државниот инспекторат и општинските инспекциски служби ќе треба заеднички да изработуваат Стратегија и Програма за инспекциски надзор во животната средина на ниво на област, а не на ниво на инспекциска служба. Со тоа треба да се овозможи координација и соработка на централната со локалната власт во однос на планирањето, што ќе треба да овозможи избегнување на преклопувања во инспекциски надзор, но непокриеност со контроли во одредени медиуми и области.

„Во законот е вградена меѓуопштинската соработка во насока на специјализирање на инспекторите за одредени области или медиуми на животната средина, што може значително да доведе до подобрување на состојбата со човечките ресурси во инспекцискиот надзор“, информираат од Министерството.

Истовремено, допрецизирани се одредбите во однос на вршење на вонредни инспекциски надзори, можностите и начинот за земање примероци во исклучителни и итни околности, и предвидена е посебна дополнителна обврска за изготвување на извештаи за определени видови на инсталации согласно барањата од ЕУ законодавството. Со овие решенија се цели и кон обезбедување на соодветни докази за начинот на работењето на субјектите на надзорот, за евентуалните понатамошни прекршочни или други постапки.

Од друга страна, Граѓанскиот инспекциски совет и Алијансата „Разбистри сè“ неодамна реагираа бидејќи ниту еден од нивните предложени 23 амандмани на Предлог- Законот не беше прифатен. Коалициите, зад кои стојат 35 граѓански организации, високообразовни институции и експерти, бараше инспекторите да имаат опрема и да вршат индикативни мерења на загадувачките супстанции, пасивно да дежураат за викенд и ноќе, задолжително да користат листи за проверка, како и надзорот над работата на локалните инспектори да го врши Државниот инспекторат и Инспекцискиот Совет, а не комисија во Министерството за животна средина.

Во новиот закон не влезе ниту предлогот инспекторите задолжително да користат листи за проверка, на веб страната да се објави база на податоци со инспекциските акти со можност за пребарување по различни параметри, како и да има прекршочни санкции доколку не се објават инспекциските акти, опомени, решенија, извештаи, стратешките и месечни планови и програми.