fbpx

Новиот шеф на грчката дипломатија сакал да игра на албанската карта за името

-

Каква ќе биде политиката на новиот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кон Македонија? Иако наследникот на Евангелос Венизелос при преземањето на функцијата не ги отвори картите за спорот за името, сепак, ако се суди од неговите постари изјави, интервјуа и колумни, се работи за политичар со поостар став кон македонско-грчките врски, кој не нуди некаков нов, поотворен пристап во споредба со она што е досега видено од грчка страна.  

Неговите постари изјави покажуваат дека е наклонет на игра со албанскиот фактор во Македонија, слично како што се обиде да игра и неговиот претходник Евангелос Венизелос, како и дека стои на ставот дека Грција не смее да дозволи да напреднеме во ЕУ сè додека не ги смениме односите со Атина.

Според постарите ставови на Коѕиас, Грција во 90-тите години на минатиот век требало да се договори со албанските политичари во Македонија за конкретно име и да лобира за тоа да биде прифатено. „За решавање на спорот за името, требаше да го направиме тоа што го кажав во Министерството за надворешни работи во 1992 година, требаше да постигнеме договор со албанскиот фактор околу тоа кое име го сакаат тие за тоа да го одразува и фактот дека и албанскиот елемент е составен дел од државата на БЈРМ и врз основа на овој предлог да ги бараме нивните права и името“, изјави Коѕиас во интервју за државната телевизија ЕРТ3 во 2010 година. 

Не е лесно да се проголта ни неговата изјава од друго интервју во тој период, во кое вели дека требало проблемот за името да се направи не билатерален, туку внатрешен проблем и конфликт меѓу македонската и албанската заедница.

„Во 90-тите упорно инсистирав дека со БЈРМ не требаше да го направиме проблемот со името како проблем меѓу нив и нас, туку да го направиме нивни внатрешен проблем. Требаше да ја имаме најдено албанската компонента, да имавме побарано од албанската компонента нивен предлог за името и навистина да бевме поддржувачи на албанскиот предлог“, вели Коѕиас во интервју за државната телевизија во 2011 година, додавајќи дека во тој случај Грција ќе можела да биде посредник за решавање на проблемот меѓу двете заедници. 

Алтернативниот предлог, според него, е сите соседи со кои Македонија има отворен спор во ЕУ да побараат да се решат билатералните проблеми пред да продолжиме кон интеграција во европското семејство.

Истиот став го поддржува и во неговата книга „Надворешната политика на Грција во 21 век“, од 2010 година. Во делот за Македонија во книгата, тој коментира дека Грција поради тоа што не се здружила со албанскиот фактор, ја прокоцкала историската шанса да ги смени условите во кои се наоѓа спорот за името. „Грција изгуби историска можност да ги смени условите на проблемот кога не ги заштити Албанците во БЈРМ од национализмот на Славомакедонците. Да, вторите се мнозинство во соседната држава, меѓутоа не се единствената етничка популација во неа. Ако нашата држава постигнеше договор со Албанците, тогаш името ќе беше прашање на изразување на националниот идентитет на етничките групи на населението во Скопје, а не прашање на грчката надворешна политика“, вели Коѕиас во книгата.

Некогашниот амбасадор-советник во Министерството за надворешни работи и професор по политичка теорија, не омекнува нешто повеќе од неговите претходници ни околу условите за нашиот прием во ЕУ. Во колумна во 2012 година за неделникот „Епикера“, остро ја критикува ЕУ поради тоа што и покрај проблемот со името, сака да ѝ дозволи на Македонија напредок во зачленувањето во европското семејство и ја притиска Грција да ги заборави сопствените национални интереси за држави како Македонија и Албанија да напреднат во ЕУ. 

„Европската комисија, кршејќи ги сите правила на ЕУ, смета дека опсесиите на БЈРМ во врска со спорот за името, се неважна тема. Грција треба да се повлече од Привремената спогодба која соседната држава повеќепати ја има прекршено. Грција не треба и не смее да дозволи Албанија и БЈРМ да напреднат во нивната кандидатура за ЕУ сè додека не го сменат ставот кон Грција“, вели Коѕиас во колумна за „Епикера“.

Новиот шеф на грчката дипломатија на својот блог во 2010 година ќе запише дека надворешната политика ниту е филантропија, ниту добри манири, туку политика која треба да е активна и динамична. Во рамките на овој став, поддржува дека Грција треба да биде построга кон Србија во врска со нејзините ставови кон Македонија. Поконкретно, Коѕиас има запишано дека доколку Србија не ја повлече одлуката за признавање на Македонија под уставно име и не ги зголеми можностите за поголеми грчки инвестиции како што направила за турските, тогаш Грција треба да го признае Косово.

Не се знае дали Коѕиас останува ставови од пред четири-пет години и дали ќе омекне под капата на СИРИЗА, кои за разлика од него, велат дека во 90-тите години на минатиот век предлагале прифаќање на пакетот „Пинеиро“ за сложено име со географска одредница и јасно и отворено говорат против и ги критикуваат сите националистички и иредентистички сили и во двете држави.

М.П.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...