fbpx

Новиот рудник за гранит ја вжешти политичката сцена во Битола

-

Дебатата за новиот рудник за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил kамен, ја вжешти политичката сцена во Битола.

Рудникот кој е оддалечен околу два и пол километри од централното градско подрачје и околу 800 метри од првото населено место, ги спротивстави власта и опозицијата во еден од најзагадените градови во земјава.

Главното прашање, дали рудникот ќе има штетни последици по здравјето на битолчани, денеска го постави потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.

– Дали е направена соодветна студија за оправданост на експлоатацијата, а доколку има студија зошто таа не е доставена на увид на советниците во Советот на Општина Битола? Дали сообраќајното решение е соодветно со оглед дека рудникот излегува на магистрален пат, кој во иднина е планиран за експресен пат? Знаејќи дека Општина Битола поради РЕК-Битола е еден од најзагадените градови, овие дилеми на граѓаните се повеќе од оправдани – рече Кирацовски.

Со новиот рудник стопанисуваат лица блиски до бизнис-елитата на партијата на власт во Битола, велат опозиционерите.

– Бидејќи сите овие прашања се отворени, а знаејќи на кој начин се добиваат дозволи за работа и концесии кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, бараме од компанијата „Стентон градба“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Стентон увоз-извоз“, како и од Општина Битола, во најскоро време да приложат соодветна документација и испитувања со кои ќе се потврди влијанието на рудникот врз неговата околина – рече Кирацовски.

Портпарлот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Валентина Марковска, пак, вели дека иако насекаде во светот искористувањето на рудните богатства во функција на економски развој е приоритет, за СДСМ тоа е само тема за собирање политички поени.

– Оваа инвестиција нуди и нови работни места, кои за СДСМ изгледа и не значат ништо. За нив најдобро би било кога работите би останале исто како во нивно време, да не се менуваат, бидејки нивната цел е манипулација на јавноста и ширење паника – рече Марковска.

На прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, со писмено соопштение се огласија од „Стентон градба“, од каде што тврдат дека рудникот за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил камен нема штетно влијание врз здравјето на граѓаните, за што, како што велат, имаат потврда од соодветни испитувања, и ја повикуваат јавноста да се увери во тоа.

– Договорот за концесија на минерална суровина гранит од локалитетот Билбил камен од Министерството за економија е доделен преку соодветна документација, запазувајќи ја целосната законска процедура – велат од „Стентон градба“.

Концесијата за стопанисување со овој рудник е издадена на 30 години.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...