Сашко Николов / Фото: sdsm.org.mk

На новоизбраниот градоначлник на Штип, Сашко Николов денеска му беше врачено решението од Општинската изборна комисија (ОИК), по што и официјално ја презеде фунцијата од в.д. градоначалникот Јане Миланов.

Само еден час порано, Државната изборна комисија (ДИК) констатира завршување на пратеничкиот мандат на Николов во Собранието на РСМ со предлог на негово место да се верификува мандатот на велешанецот Мухамед Кадриов од листата на колацијата „Можеме“.

Сашко Николов (40), доктор по професија, беше избран за градоначалник на предвремените локални избори во оваа општина кои се одржаа пред десет дена. Редовните локални избори се закажани во октомври 2021 година.

При преземањето на функцијата, најави чесно работење во интерес на градот и граѓаните. Утре, на неговиот прв работен ден, Николов го најави првиот состанок со раководителите и неговиот тим.

„На состанокот ќе ги претставам начелата по кои ќе работиме, моите очекувања, кои се надевам ќе бидат прифатени“, изјави Николов, кој засега не најавува смена на директорски или раководни позиции.

На свеченоста на преземањето на фунцкијата на новиот градоначалник, не дојдоа опозициските советници. Николов изрази жалење, особено што тој изминатите три години беше нивен колега, како член на Советот на општината.

„Очекував дека ќе дојдат, иако политички се со различна идеологија, особено што се мои пријатели и сокласници, но тоа е нивно демократско право. Вратата на градоначалникот ќе биде отворена за сите“, кажа Николов.

Новиот градоначалник на Штип доаѓа во време кога веќе се финализира општинскиот Буџет за 2021 година, додека првото нешто што ќе го направи, како што кажа, е создавање на фонд за обезбедување на маски за секој граѓанин.  

Сашко Николов е седмиот градоначалник, кој е на чело на Општината Штип и втор доктор специјалист во оваа улога. На прашањето што со неговата кариера како интервентен кардиолог, Николов најави дека во неговото слободно време, по саат или два дневно, ќе работи со пациентите во штипската Клиничка болница.

На Предвремените локални избори за градоначалник на Штип, што се одржаа на 13 декември, Сашко Николов освои 11.477 гласови , со што беше избран во првиот круг. Неговите четворица противкандидати заедно освоија нешто помалку од 20 отсто од гласовите. Ниту еден од нив не беше присутен на свеченоста.