Новиот футуристички град Телоса ќе се гради во пустина во САД

Извор: Bjarke Ingels Group and Bucharest studio

Милијардерот Марк Лор го претстави пред светската јавност планот за изградба на новиот футуристички град Телоса во пустина во САД. Неговата идеја е идниот град да се простира на 150.000 хектари, за чија изградба би биле потребни 400 милијарди долари, пренесува Си-ен-ен.

Футуристичкиот град ќе претставува мешавина на позитивни карактеристики, и тоа чистотијата по која е препознатлив Токио, разновидноста што ја има Њујорк и квалитетот на општинските услуги што ги нуди Столкхолм.

Претставениот мастер план изработен од данскиот архитект Бјарке Ингелс предвидува Телоса да постане град на архитектура во која се имплементирани еколошки стандарди, кој ќе се заснова на искористување на обновливите извори на енергија и на водоснабдителен систем кој ќе биде отпорен на суши.

Извор: Bjarke Ingels Group and Bucharest studio

Урбанистичкото планирање на градот е идеалистичко, односно треба да им овозможи на жителите за 15 минути да можат да стигнат од своите домови до работното место, школите и другите видови објекти кои се неопходни во секојдневниот живот.

И покрај изработениот мастер план за градот, планерите и во моментов бараат локации низ САД каде што би можело да се изгради Телоса. Листата на можни сојузни држави каде би се градел овој град ги вклучува Невада, Јута, Аризона и Тексас, но е предвидено да биде пустински предел.

Идниот град е предвидено да има фантастични 5 милиони жители. Покрај тоа што би се градел еколошки, во Телоса ќе бидат забранети возилата на фосилни горива, додека жителите би уживале во огромниот јавен простор составен од зеленило.

Извор: Bjarke Ingels Group and Bucharest studio

Во првата фаза од изградбата на футуристичкиот град, би се инвестирале 25 милијарди долари за да се изведат објекти на 1.500 хектари кои ќе бидат дом на 50.000 жители. Бројката од 5 милиони жители, Телоса би можела да ја достигне за 40 години.

Како што пишува специјализираниот портал за архитектура АрхДејли, градот би се издигнал на ненаселена површина во пустина, како би се овозможило формирањето на замислениот јавен простор. Идејата на милијардерот Лор е да се формира град во кој сите жители би се чувствувале безбедно, при што ќе може да се движат слободно и да имаат удобен живот.