Новинарските здруженија тврдат дека власта одбегнува разговори за медиумските реформи

-

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и спикерот на Собранието, Трајко Вељаноски, го игнорираат нашето барање за средба, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети, нè извести дека немал време да разговара со новинарите за медиумските реформи, информираат од ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕМ и од ИКС.

– Со жалење констатираме дека власта одбегнува сериозни разговори за медиумските реформи. Минимум политичка култура наложува ВМРО-ДПМНЕ и спикерот Вељаноски да одговорат на нашето барање за средба, каков и да биде одговорот. Десет дена откако претставници на ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕМ и на ИКС официјално побараа средби со лидерите на партиите потписнички на Договорот од Пржино, за да разговараме за застојот на преговорите за медиумските реформи, a досега се сретнавме само со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Средбата со претседателот Ѓорге Иванов е закажана за петок, а средбата со лидерот на ДПА начелно е потврдена, но уште нема точен термин – велат од петте здруженија.

Како што велат од медиумските организации граѓанските организации и партиите може да имаат различни ставови за одделни прашање, но во демократија е незамисливо тие да не разговараат.

– Со одбивање на дијалогот како начин за решавање на проблемите во општеството, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ покажуваат дека немаат демократскиот капацитет да се справуваат со предизвиците. Со ваквото неодговорно однесување власта го прогласи за ништовен Договорот од Пржино, каде се обврза на медиумски реформи со цел да имаме слободни и веродостојни избори. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, исто така, заради тесно партиски интереси ја доведуваат во прашање и интеграцијата на земјата во ЕУ. Ја повикуваме власта да ги исполни преземените обврски и да не поднесува во Собрание парцијални решенија кои нема да ја подобрат состојбата со слободата на медиумите – сметаат од ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕМ и ИКС.

Здруженијата велат дека нивните барања остануваат исти. Забрана за владините реклами, независен јавен сервис, професионален медиумски регулатор, помали казни и обврски за приватните национални телевизии како и поотворени јавни институции.

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...