На македонското новинарство воопшто не му е потребен закон за медиуми, па постоечкиот треба да се укине, а не да се размислува за нова верзија, порача Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници на Македонија (ССНМ) на денешната дебата „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“, која ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
Според министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски и според Поповски, целта на дебатата е власта да ја слушне медиумската фела дали е потребна измена на законот и да ги слушне решенијата за сериозните проблеми како што се „лажните вести“ и проблемите со некои онлајн медиуми.
Денешната трибина, порачаа тие, е само почеток на јавната дебата, во рамките на која до МИОА и до кабинетот на министерот Поповски до крајот на јануари ќе може да се изнесуваат мислењата и предлозите.
Како што посочија поголем дел од учесниците во дебатата, темите како што се крадењето содржини и објавувањето лажни вести треба да се остават на медиумската фела, односно на саморегулацијата на новинарството, а владата не треба да се меша во новинарството, оти од тоа во иднина може да се создаде ситуација која ќе значи силна контрола на новата власт врз медиумите, слично како во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, беше посочено дека сите проблеми што сега се присутни може да се разрешуваат преку сега постоечките закони.
На денешната дебата се изнесуваа и различни мислења за тоа дали треба или не треба да има регистрација или само евидентирање на онлајн медиумите, а поголемиот дел од учесниците застанаа против идејата да се регулираат онлајн медиумите, велејќи дека тоа задира во слободата на говорот и на медиумите. Истовремено беше посочено дека тоа би било неефективно, бидејќи таа регулација би се однесувала само на Македонија, а производителите на лажни вести или, како што беше кажано, „луѓето кои не се новинари туку се облечени во наши дресови“, ќе може и понатаму да пласираат клевети и навреди и лажни вести од портали регистрирани во странство.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.