Здружението на новинарите на Македонија денеска потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Македонија.

„Целта на потпишување на Меморандумот е да се направи значаен исчекор кон зголемување на професионалноста на онлајн медиумите“, велат од ЗНМ.

Процесот кој ќе го водат ЗНМ, Советот за етика во медиумите на Македонија и Стопанската комора ќе резултира со создавање на регистар на професионални медиуми, кој ќе и помогне на јавноста, но и на бизнис заедницата, полесно да распознаваат кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

„Во овој регистар нема да има место за пропагандата, лажните вести, како и за анонимните редакции и уредници“, истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Според Чадиковски процесот на изработка на критериумите за регистарот ќе биде инклузивен процес каде преку одржување на консултативни средби со новинари, претставници на порталите и на бизнис заедницата ќе се дојде до најквалитетните решенија.

„Ваквиот вид на евидентирање ќе и помогне и на бизнис заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира и огласува бидејќи и тие сакаат да го помогнат овој процес, а истовремено имаат и општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми“, рече Чадиковски.