Новинарските здруженија ја осудија пресудата за главниот и одговорен уредник на „Инфомакс“, Александар Митовски, кој е осуден на условна затворска казна од шест месеци поради оддавање службена тајна. Имено, Митовски лани во август на порталот „Инфомакс“, објави официјален документ, записник од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев кога го пријавил рекетирањето од Бојан Јовановски.

Во однос на изречената пресуда, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски вели дека „и тогаш, кога била поднесена пријавата, и сега, смета дека гонењето врз основа на искажан збор не води кон подобра клима во општеството.“

„Свесен за улогата и одговорноста на новинарите при вакви сензибилни теми, па дури и кога постојат индиции за прекршување на законите, сметам дека мора да се води сметка за поширокиот јавен интерес. Од друга страна останува нејасно зошто Обвинителството не го пронајде кртот кој ги украл исказите од таму, па единствен виновник се бара во тој што ги објавил,“ вели Чадиковски.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) исто така ја осуди оваа пресуда на судот и ја оцени како „силен удар врз новинарската професија, јавниот интерес и основното граѓанско право да се знае вистината за работата на јавните институции, за корупцијата на политичарите и севкупниот судско-обвинителски систем.“

„Со пресудата за затворска казна од шест месеци, судско-обвинителскиот систем ја потврди оценката дека во земјата владее хибриден режим. Митовски е осуден на затворска казна од шест месеци затоа што објавил документ од јавното обвинителството кој е денес во јавна постапка пред судот во случајот “Рекет“. Документот не е со статус ниту на државна ниту службена тајна. Јавноста треба да знае новинарите имаат што да кажат, имаат и информации, и сведоци и документи но не смеат тоа да го објават. Оваа стварност која ја креира пропагандата на власта не е вистина, вистината е скриена кај обвинителите и судиите,“ велат од МАН.

Од таму додаваат дека „за оваа режимска и скандалозна одлука на Судот, МАН ги известил Меѓународната и Европската федерација на новинари“.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, „казната затвор од шест месеци е доказ за едноумието кое сака да го наметне Зоран Заев. “

„Зоран Заев преку прогон и злоупотреба на судот и обвинителството сее страв во обид да ги замолкне медиумите кои се охрабруваат да ги истражуваат неговите криминали и да ја информираат јавноста за корупцијата и рекетот. Преку обвиненија, тужби, пресуди и затворски казни, Зоран Заев сака да си купи мир и да ги цензурира новинарите кои одбиваат да клекнат на колена и да се приклучат на медиумско-обвинителско-политичката рекет машинерија. Зоран Заев заплашува, осудува новинари и врши директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана,“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Новинарот Сашо Орданоски во колумната „Јавниот интерес и рекетарската фабрикација“ за „Цивил медиа“ пишува „Се разбира дека е погрешно да се осуди со шест месеци условна казна одговорниот на некој портал кој објавил оригинални записници од сведочења за кои објавувачот проценил дека постои јавен интерес да бидат објавени“.

„Дури и без разлика што се работи за ѓубре од портал чија единствена смисла за постоење, со редовно користење на лаги, шпекулации, навреди и клевети, е да биде платформа за дискредитација на луѓе кои се политички или идеолошки опоненти на една од партиските опции во Македонија. Но, во случајов, се работи за веродостојни записници кои можат да фрлат светло врз одреден кривично-правен настан за кој постои голем интерес во македонската јавност. Да, записниците се со тежина на „службена тајна“, но тоа е примарен проблем на институцијата од која протекле, а не на објавувачот. Судот морал по тој редослед да ги цени постапките“, пишува Орданоски.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.