Новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, денеска бил уапсен во Нови Сад, по налог на српското министерство за правда. Против него во ноември 2013 година беше издадена потерница како осомничен во случајот „Шпион“.

Од македонското Министерство за правда за телевизијата „Телма“ потврдиле дека кај нив веќе стигнало решението за негова екстрадиција во земјава, но засега не е познат датумот кога ќе им биде испорачан на македонските власти.

Божиновски, според информациите, веднаш по апсењето бил изведен пред истражен судија и му бил одреден екстрадиционен притвор.

Ова е второ апсење на Божиновски во Србија, каде тој престојува неколку години. Првиот пат тој беше уапсен во ноември 2013 година во Нови Сад по потерница од Интерпол и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода со одлука на српскиот Апелациски суд.

Денеска тој бил уапсен врз основа на постојната потерница, по налог на српското министерство за правда.