Во отсуство на новинари и со само двајца претставници на граѓанското општество се одржа првата презентација на Физибилити студијата за ски-центарот Попова Шапка.

На новинарите не им беше дозволено да влезат на презентацијата во хотелот „Славија“ на Попова Шапка оти „тоа било против правилата на компанијата PWC“, како што кажал министерот за економија, Крешник Бектеши, јави „Порталб.мк“.

Претставниците на граѓанските здруженија реагираа на ова.

-Студијата е сопственост на ЕЛЕМ и презентациите треба да бидат јавни. Да не се обвинуваме едни со други. Сакаме да ги внесеме новинарите да видат за што е студијата. Направени се многу студии, тука ја имам студијата од Ecosing, која е платена 233.000 евра, а која никој не ја видел. Беше презентирана во Ноли Конак во 2012 година. Има и студија од Bekon од 200.000 евра и денеска студијата од Светска Банка, а не можеме да видиме што се случува – рече Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

На презентацијата беа министерот за економија Крешник Бектеши, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Хисен Џемаили, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, двајца претставници на граѓанските здруженија и експертите.

Студијата е изработена од компанијата „PWC“, а нарачана од „ЕЛЕМ Турс“. Барањето за реализација на ваква студија дојде од Владата, со цел да се донесе одлука и за судбината на Попова Шапка.

Физибилити студијата е студија за остварливост на концесија и јавно-приватно партнерство на филијалата „Попова Шапка“ – Тетово. Врз основа на студијата ќе се донесе и одлуката дали Попова Шапка ќе се даде под концесија или јавно-приватно партнерство.

Двете анализи треба да се прифатат од Владата, за да потоа се донесе одлука за судбината на Попова Шапка.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.