fbpx

Новинари разоткрија израелски тим што преку хакирање и дезинформации се меша во избори ширум светот

-

Нова истрага на меѓународен конзорциум новинари откри израелски тим за кој што тврди дека манипулирале со повеќе од 30 избори ширум светот преку хакирање, саботажа и автоматизирани дезинформации на социјалните мрежи, пренесува „Гардијан“. Истрагата открива извонредни детали за тоа како се подготвуваат дезинформациите, а групата која нуди услуги за тајно мешање во изборите без трага работела и за корпоративни клиенти.

Единицата ја води 50-годишниот Тал Ханан, поранешен оперативец на израелските специјални сили, кој го користи псевдонимот „Хорхе“ и за кој новинарите пишуваат дека работи на избори во различни земји повеќе од две децении.

Конзорциумот на новинари што го истражувале тимот вклучува новинари од 30 медиуми, меѓу кои и „Ле Монд“, „Дер Шпигел“ и „Ел Паис“. Проектот кој е дел од поширока истрага за индустријата за дезинформации, е координиран од „Forbidden Stories“, француска непрофитна организација чија мисија е да ја продолжи работата на убиените, загрозените или затворените новинари.

Тројца новинари направиле тајна снимка откако му пришле на тимот на Хорхе, претставувајќи се како потенцијални клиенти. Во неколкучасовни тајно снимени состаноци, Ханан и неговиот тим зборуваат за тоа како можат да се соберат разузнавачки информации за ривалите преку користење на техники за хакирање за пристап до сметките на Џимејл и Телеграм.

Тајно снимените состаноци се одржале во периодот помеѓу јули и декември 2022 година.

На прикриените новинари Ханан им рекол дека неговите услуги, кои другите ги опишуваат како „црни операции“, им биле достапни на разузнавачки агенции, политички кампањи и приватни компании кои сакале тајно да манипулираат со јавното мислење. Тој рекол дека услугите биле користени низ Африка, Јужна и Централна Америка, САД и Европа.

Една од клучните услуги на тимот Хорхе, како што пишува „Гардијан“, е софистициран софтверски пакет наречен „Aims“ кој контролира армија од илјадници лажни профили на социјалните мрежи – Твитер, Линкдин, Фејсбук, Телеграм, Инстаграм, Јутјуб и Џимејл. Некои лажни профили имале дури и сметки на Амазон со кредитни картички, биткоин паричници, како и сметки на Еирбиенби (Airbnb).

Методите и техниките опишани од тимот Хорхе претставуваат нови предизвици за големите технолошки платформи кои со години се мачат да ги спречат злобните актери да шират невистини или да ја нарушат безбедноста на нивните платформи. Доказите за глобалниот приватен пазар на дезинформации насочени кон избори, ќе го вклучи алармот за демократиите ширум светот.

Ханан го опишал својот тим како лица „дипломирани од владини агенции“ со експертиза за финансии, социјални мрежи и кампањи, но и „психолошка војна“.

Тој на новинарите им рекол дека сега се вклучени во избори во Африка, а имале тим во Грција и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Се пофалил со 33 кампањи на претседателско ниво, од кои 27 биле успешни, но и дека биле вклучени во два „големи проекта“ во САД.

Тимот Хорхе рекол дека прифаќа плаќања во различни валути, меѓу кои и во криптовалути како биткоин или пак готовина. За мешање во избори, тимот информирал дека ќе наплати меѓу 6 и 15 милиони евра.

Ханан не одговорил на прашањата за активностите и методите на тимот, но негирал какво било погрешно работење.

Откритијата за тимот Хорхе, пишува „Гардијан“, може да предизвикаат срам за Израел кој се најде под зголемен дипломатски притисок во последните неколку години поради извозот на сајбер-оружје што ги поткопува демократијата и човековите права.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...