Нови Сад догодина ќе биде Европска престолнина на културата, со настапи на повеќе од 4.000 уметници

Српскиот град Нови Сад е еден од европските градови прогласени за Европска престолнина на културата, и тоа за наредната 2022 година. Деновиве беше презентирана програмата за наредната година, која предвидува одржување на повеќе од 1.500 културни настани, со учество на над 4.000 уметници, во осум програмски целини, се наведува на официјалната веб-страница Нови Сад – Европска престолница на културата.

Организаторите на презентацијата на програмата истакнаа дека повеќе од 1.700 европски и светски уметници од над 45 земји ќе се претстават со заеднички европски проекти, но и предизвици.

Меѓу најпознатите настани што ќе претстојат во Европската престолнина на културата, Нови Сад ќе биде домаќин на „Бург театар“ кој ќе гостува заедно со „Арс електроника“.

Во понатамошниот развој на пристапноста на Нови Сад, своето знаење и искуство ќе го сподели во рамките на програмата „Поинаква? Европа“ со Тифолошкиот музеј од Загреб и виенскиот Уметничкоисториски музеј.

Во оваа програма е предвидено да гостува и британската перкусионисткиња Евелин Глени, новата кралица на фадото музиката Кармињо, шпанскиот состав Барселона џипси оркестра и многу други познати музички имиња.

Организаторите најавуваат дека целокупната програма на настани што ќе се одржат наредната 2022 година ќе ја објават во октомври годинава.

Во програмскиот наратив, дефинирани се четири програмски мостови кои се симболично именувани по мостовите во Нови Сад – Слобода, Виножито, Надеж и Љубов. Мостовите се делат на вкупно осум програмски целини, кои започнуваат со првичната „Дочек“ на 31 декември 2021 година и продолжуваат низ годината со наредните „Миграции“, „Иднината на Европа“, „Хероини“, „Тврдина на мирот“, „Дунавско море“, „Калеидоскоп на културата“ и „Поинаква? Европа“.

Европската престолнина на културата е град којшто го назначува Европската Унија за период од една година, во текот на која се одржуваат огромен број на културни настани со паневропска димензија.

Нови Сад првично беше избран за годинава да биде Европска престолнина на културата, но поради ковид-19 пандемијата, на хрватскиот град Ријека и ирскиот град Головеј им се обезбеди можноста за пролонгирање на реализацијата на настаните и во 2021 година, додека главниот град на Војводина се стекна со извонредната опција да биде Европска престолнина на културата една година подоцна.