fbpx

Нови руски воздушни напади врз Украина, погодена критична инфраструктура

-

Русија изминатава ноќ изврши нови воздушни напади врз цели во Украина. Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валери Залужни информираше дека украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 16 од вкупно 36 проектили што биле лансирани од руските сили, пренесува Укринформ. Залужни информираше дека цел на руските сили била критичната инфраструктура.

Според досегашните извештаи, во западниот регион Лвив бил погоден критичен инфраструктурен објект, но не се забележани жртви. Укринформ јавува дека со ракети бил погоден градот Павлохрад во Днипропетровскиот регион, при што еден цивил загинал и седум лица се повредени. Во нападите бил погоден индустриски погон, биле уништени седум куќи, а 30 биле сериозно оштетени. Руските ракети изминатава ноќ погодиле и цели во регионот Кировоград, додека во главниот град Кијив биле забележани шест цели од противвоздушната одбрана и најголем дел од нив биле соборени.

Во меѓувреме, на првите линии од фронтот во регионите Запорижја, Луханск и Донецк продолжуваат жестоките борби. Украинските вооружени сили соопштија дека во текот на изминатиот ден загинале 690 руски војници во борбите, со што вкупниот број на загубени руски војници се искачил на 140.460. Русија веќе подолго време нема објавено најнови податоци за бројот на жртви во војната, а независни извори не можат да ги потврдат точните бројки за загинати и повредени од двете страни.

Состојбата е особено тешка во Луханскиот регион, при што украинските власти признаваат дека Русија испратила воена опрема и дел од мобилизираните сили во нова офанзива, но гувернерот Серхиј Хајдај изјави дека украинските сили засега успешно ги бранат своите позиции. Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека на две места ја пробиле украинската одбрана во Луханскиот регион, но не даде прецизни информации за кои места станува збор.

Украина засега демантира дека нејзините сили се повлекле од Луханскиот регион, а борбите продолжуваат и околу градот Бахмут во Донецкиот регион. Руските сили се обидуваат да го обиколат градот и да ги пресечат врските за снабдување на украинските војници кои се наоѓаат во градот, пренесува Гардијан. 

Бројот на загинати цивили во изминатово деноноќие е драстично зголемен во Донецкиот регион, пишува Укринформ. Шест цивили загинале, а 13 се повредени како последица на руското ракетирање врз градовите Покровск, Бахмут и Авдивка.

Инаку, по вчерашниот состанок на земјите-членки на НАТО во Брисел, дел од сојузниците на Украина изјавија дека испораките на оружје нема да може да ги извршат според претходните ветувања. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека помошта во тенкови што ја ветиле нема да може да ја достигне големината на баталјон, пишува Гардијан. 

Стандарден украински баталјон се состои од 31 тенк. Полска понуди помош на Украина од 30 германски тенкови, но повеќето од нив се во лоша состојба и неопходно врз нив е да се извршат поправки пред да се испратат на фронтот, изјави Писториус. Германија вети дека ќе испрати 14 тенкови, додека Португалија ќе ја помогне Украина со три тенка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...