Системот за влез/излез (ЕЕС) во Европската Унија ќе стартува со постепена примена од 12 октомври годинава, соопшти денеска евроамбасадорот Михалис Рокас.
Овој нов механизам треба да ја зголеми безбедноста и воедно да го поедностави процесот на патување за патниците од трети земји.
Според Рокас, државјаните од земји кои не се членки на ЕУ при првото патување ќе мора да се регистрираат со отпечатоци од прсти и фотографија а потоа ќе можат да користат автоматски терминали на аеродромите.
Тој нагласи дека ЕЕС не треба да се меша со системот ЕТИАС, кој се однесува на претходна електронска најава за патување, а за чија примена дополнително ќе бидат објавени информации.
Системот ЕЕС ќе ги евидентира датумите, времето и местото на премин на надворешните граници на ЕУ. Со ова автоматски ќе се следи и пресметува дозволениот престој, а системот ќе алармира во случај истиот да биде надминат.
Првично стартот на ЕЕС беше предвиден за ноември 2023 година, но беше пролонгиран поради неподготвеноста на дел од земјите-членки. Европската комисија затоа донесе одлука новиот систем да се воведува постепено.
