fbpx

Нови правила (и казни) за сите медиуми од денот на распишување на изборите

-

Од денот на распишување на изборите, што според најавите на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, најверојатно ќе се случи на 15 април, за медиумите почнуваат да важат правилата од Изборниот законик донесен во ноември 2015 година.

Според независната пратеничка Роза Топузовска-Каревска, ако во целост се имплементира Изборниот законик, тој е добра можност за регулирање на медиумите во предизборниот период.

– Во оваа ситуација и во овој период, Изборниот законик е добра можност за регулација, затоа што таму има и правила и казни. Уште повеќе што тој е изгласан со консензус од сите пратеници во Собранието на Република Македонија – вели Топузовска-Каревска.

Како прв новитет во однос на регулирањето на медиумското претставување на политичките партии, покрај радиодифузерите, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, е воведувањето контрола врз електронските медиуми (интернет-порталите).

Според измените, строго се забранува каков било начин на финансирање или донирање на политичките партии од медиумите и од лица поврзани со нив.

За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите што ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за платено политичко рекламирање. Од нив за политичките партии на власта и на опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија треба да се одвојат најмногу осум минути, а за политичките партии во Собранието на Република Македонија, кои немаат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието треба да се одвои по една минута.

Според измените, радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање, кои во периодот од утврдување на ценовниците до почнување на изборната кампања се должни најмалку двапати јавно да ги објават на своите програми, односно во своите изданија.

Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања. Во спротивно, предвидена е глоба од 8.000 евра.

За време на изборната кампања, јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, при што 30 проценти од времето да емитува за дневните настани од земјата и од светот, 30 проценти од времето за активностите на политичките партии на власт, 30 проценти од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10 проценти од времето за активностите на политичките партии што не се претставени во Собранието.

Од денот на распишување на изборите до изборниот молк, јавниот радиодифузен сервис е должен да организира дебатни емисии, односно соочувања на најголемите политички партии од власта и од опозицијата, како и на другите учесници во изборниот процес.

Собранието на Република Македонија не го прифати Законот за медиуми поддржан од Здружението на новинари и од Синдикатот на новинари и медиумски работници, а СДСМ својот предлог-закон го повлече од седница.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...