Нови отпуштања во Твитер, меѓу нив и на директорка што спиела во канцеларија поради премногу работа

Ministério Das Comunicações, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Една од директорите во Твитер која минатата година објави фотографија на која се гледа како спие на подот во една од канцелариите поради долгите часови работа, е меѓу последните отпуштени од компанијата која е во сопственост на Илон Маск, пренесе „Хил“. Њујорк Тајмс во неделата објави дека Твитер викендов отпуштил уште околу 200 вработени – приближно 10 отсто од работната сила на компанијата.

Причината за отпуштањата е нејасна, а многумина од отпуштените дознале дека добиле отказ дури откако го изгубиле пристапот до сметките за електронска пошта и до службените лаптопи. Новинарот на „Врџ“, Алекс Хит, повикувајќи се на поранешни вработени во Твитер, објави дека новите отпуштања можеби се увертира за Маск да инсталира „целосно нов режим“ на Твитер.

Меѓу отпуштените се повеќе директори кои на овие функции дошле по преземањето на компанијата од милијардерот Маск. Тој, пак, изјави дека работи на „стабилизирање на организацијата“.

Извршната директорка на „Твитер Пејментс“, Естер Крафорд, во неделата ретвитна своја фотографија од минатата година на која може да се види како таа спие во вреќа за спиење во канцеларијата, а на фотографијата пишува „Кога вашиот тим деноноќно работи за да ги исполни роковите, понекогаш #СпиетеКадеШтоРаботите“.

Во твитот во неделата таа напиша „Најлошото што можете да го извлечете гледајќи ме мене како целосно му се препуштам на Твитер 2.0 е дека мојот оптимизам и напорната работа беа грешка“.

Откако ја презеде Твитер, Илон Маск во ноември отпушти околу половина од работната сила на компанијата, односно речиси 3.500 вработени, тогаш тврдејќи дека тоа е последниот круг на отпуштања.

Маск вчера ги известил преостанатите вработени дека ќе добијат „многу значајни“ награди за своите перформанси, пренесе „Врџ“. Ова, воедно, била и негова прва комуникација со вработените по отпуштањата за време на викендот.

Илон Маск најави дека откако ќе ја стабилизира организацијата, своите должности ќе ги предаде на нов извршен директор.