fbpx

Нови напредни обуки за македонските лекари во врвни светски клиники

-

Напредни фокусирани обуки на македонски лекари во 50 врвни универзитетски клиники според Шангајската листа во областа на медицината, предвидува новиот проект на Министерството за здравство.

Како што информира на вчерашната прес-конференција министерот за здравство, Никола Тодоров, фокусот на овој нов проект, кој претставува и нов пристап во едукацијата на македонските лекари, ќе се однесува на пет области од медицината, и тоа ортопедија и трауматологија, офталмологија, дигестивна хирургија, неврологија и неврохирургија и неонатологија. Според проектот, во секоја од овие пет области ќе бидат испратени на едукација по тројца доктори за период од една година. Во наредниот тригодишен период, со овие напредни обуки се планира да бидат опфатени уште дополнителни три до пет области од медицината. Министерството за здравство ќе објави оглас во медиумите на кој може да се пријават заинтересираните доктори, кои по изборот за обуката ќе треба да потпишат и договор за лојалност.

– Идејата е во наредните три-четири години, да бидат опфатени најголем дел од специјалностите во медицината во Македонија. Обуката ќе трае една година и ќе се одвива по принцип на ментори, определени од клиниката каде се врши обуката, а бидејќи се работи во најголем дел за хируршки гранки, во првите шест месеци докторите ќе се образуваат на ниво на втор асистент, па на ниво на прв асистент, а во вторите шест месеци треба да бидат главни оператори, додека нивните ментори ќе им асистираат. По враќањето во Македонија, тие ќе дојдат заедно со нивните ментори, кои ќе престојуваат во земјава една-две недели и ќе направат одреден број интервенции за кои се специјализирале – рече Тодоров.

Докторите што ќе ги поминат овие обуки, ќе имаат обврска да обучат со овие унапредени вештини најмалку двајца свои колеги лекари, по можност од клиничките болници, за период, исто така, од една година по враќањето.

Министерството за здравство ќе ги покрие сите трошоци за обуката, која вклучува и плата што докторот ја примал тука, како и дополнителна плата за ангажманот на докторот во универзитетската клиника каде е на обука.

– Очекуваме апликации од помлади доктори, кои потоа би продолжиле на докторски студии и со научна наобразба – додава Тодоров.

За овој проект, Министерството за здравство ќе испрати понуди до 50 врвни универзитетски установи според Шангајската листа, за што ќе ги ангажира нашите дипломатско-конзуларни претставништва.

На новинарско прашање, Тодоров рече дека според постојните проекти за обука на лекари, лани биле испратени на обука 514 доктори и друг медицински персонал, а оваа година на едукација се планира да бидат испратени 1.000 лица, од кои 800 доктори. До овој момент, во јануари се испратени 97 доктори на едукација, а уште 90 треба да бидат испратени во текот на наредниот месец. Според Тодоров, се работи, главно, за универзитетски клинички центри во Виена, Париз, Тулуз, Рим, Лондон, Берлин, Нирнберг и во Прага, како и во медицинските центри во Турција, Словенија и во Хрватска. Лани за оваа намена биле потрошени еден милион евра, а годинава ќе бидат потрошени повеќе од еден милион евра.

Според министерот за здравство, има ефекти од овие обуки, па дури и од тие што траат и неколку недели до еден месец, бидејќи во некои случаи станува збор работи за усвојување нови техники или пристапи кои не се многу сложени. Во тој контекст, тој напомена дека во Министерството за здравство е формирана посебна комисија од врвни професори и од академици, кои вршат евалуација на обучените лекари и даваат оцена за тоа дали е доволен престојот за обука и за совладување нови техники и методи на лекување или треба да се продолжи.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...