Властите во Јута официјално затворија 51 година стар нерешен случај, откако со помош на нова ДНК технологија идентификуваа дека убиената тинејџерка била жртва на серискиот убиец Тед Банди, пренесува Би-Би-Си.

Лора Ен Ејм, 17, исчезнала откако заминала од забава на Ноќта на вештерките во 1974 година. Нејзиното тело било пронајдено околу еден месец подоцна од планинари во кањонот Американ Форк.

Канцеларијата на шерифот на округот Јута соопшти дека новите тестирања „непобитно потврдиле дека ДНК доказите пронајдени на телото на Лора го потврдиле присуството на ДНК што му припаѓа на Банди“.

Меѓу февруари 1974 и февруари 1978 година, Банди убил најмалку 30 жени. Тој исто така се поврзува и со многу други убиства низ целата земја.

Пред да биде погубен во Флорида во 1989 година, Банди го признал убиството на Лора, но бидејќи не сакал да објасни или да даде каков било детал за својата вистинска улога во нејзината смрт, „Канцеларијата на шерифот одлучила да го задржи случајот отворен сè додека истражителите не докажат, без никакво сомневање“, дека токму тој е нејзиниот убиец, се наведува во соопштението на шерифот.

„Овој случај сега е официјално затворен“, изјавил шерифот на округот Јута, Мајк Смит, за време на прес-конференција, според The Salt Lake Tribune.

Шерифот додал дека, доколку Банди сè уште бил жив, обвинителите би барале смртна казна за него.

Банди е меѓу најозлогласените сериски убијци во Америка, а својот крвав поход го започнал напаѓајќи жртви низ северозападниот дел на САД. Подоцна убивал жртви и во Колорадо, Јута и Флорида.

Во времето на смртта на Лора, тој живеел во Солт Лејк Сити и студирал право на Универзитетот во Јута.

Во соопштението на шерифот се наведува дека Лора останала запаметена како „дружељубив слободен дух кој уживал во активности на отворено и имал страст кон јавање коњи, лов и грижа за своите неколку помали браќа и сестри“.

Банди бил познат по тоа што често им приоѓал на жени на јавни места, ја стекнувал нивната доверба со својот шарм или со лажна повреда, а потоа ги намамувал на осамени места и ги убивал.

Тој првпат бил уапсен во 1975 година за киднапирање на жена и осуден на 15 години затвор.

Но во 1977 година успеал да избега скокајќи низ прозорецот на затворската библиотека.

Бил повторно фатен осум дена подоцна, а потоа повторно избегал и продолжил да убива сè додека конечно не бил уапсен во 1978 година.