Центарот за научно истражување и промовирање на културата, „ХАЕМУС“ деновиве ги издаде креативните читанки од едицијата „Млад истражувач“ – предизвик за сите деца и млади“ во авторство на Василка Димитровска.

„Станува збор за изданијата „Археолошка тетратка и инвентарна книга на наоди“, „Праисториска читанка и вежбанка“ и „Туристички водич низ Скопје“. Читанките покрај визуелно прилагодени текстови проследени со терминолошки речници,  содржат и голем број интерактивни археолошки вежби кои ја разгоруваат фантазијата и креативноста на најмладите и создаваат можности за нови искуства“, соопштуваат од „ХАЕМУС“.

Промоцијата на изданијата ќе се одвива онлајн.

Овие нови изданија се дел од образовната програма „Млад истражувач“ на „ХАЕМУС“ што има педагошки карактер и наменета е пред сѐ за деца и млади. Истата опфаќа широк спектар на боенки, читанки, вежбанки, како и интерактивни сетови и едукативни настани за богатото македонско културно наследство.

Василка Димитровска е магистер по археологија, менаџер и креативен директор на „ХАЕМУС“, консултант и лиценциран интерпретатор за наследство. Таа е автор на многу стручни текстови, научни монографии, прирачници, популарни и промотивни текстови, илустрирани читанки и вежбанки за деца, боенки и интерактивни сетови. Досега ја има добиено наградата „Најдобар промотор на Македонија“ во 2010 година, а
има работено на бројни изложби, проекти, научни конференции, настани, обуки и тренинзи наменети за менаџмент и промоција на културното наследство на Македонија. Од 2011 година, Димитровска е соработник на National Geographic Society.