Со нови блокади на Кожуф, еко активисти ќе ја спречуваат изградбата на малите хидроцентрали „Баров Дол“ и „Папрад“ на реката Дошница. Граѓанските иницијативи од Југоисточниот регион деновиве објавија апел граѓани да им се придружат на планинскиот пат кој и минатата година беше блокиран речиси три месеци. Блокадите ќе започнат денеска и ќе траат до крајот на годината, за што иницијативите веќе дале известување до Министерството за внатрешни работи. Тие се обратија и до институциите и побараа време експертско тело составено од професори да изготви анализа на ризиците за живиот свет на реката и за природата во околината, пред да се започнуваат градежни работи на енергетски објекти. Граѓаните се залагаат и за прогласување на Кожуф за национален парк, како еден од начините да се заштити од вакви и слични инфраструктурни проекти.

„Добивме информација дека дозволите за изградба на мали хидроцентрали на Дошница се издадени, иако уште пред три години јасно кажавме дека нема да дозволиме да се уништи реката и се уште стоиме на тој став. Заради тоа апелираме до сите граѓани да ни помогнат, да дојдат заедно со нас на блокади во одбрана на Кожуф или пак да донираат храна и гориво“, вели Марина Томова од иницијативата „Чејнџмејкерс“.

Таа посочува дека еколошките организации од Југоисточниот регион потпишале договор општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија да финансираат студии кои ќе ги изработат 13 експерти кои ќе треба да одговорат на прашањето дали во Дошница и нејзината околина постојат ендемски или загрозени видови на животински или растителен свет кои би се довеле во опасност. Тие студии, вели Томова, се уште не се готови и треба да се работат во следните две години.

Екологистите уште еднаш го потенцираа својот став дека малите хидроцентрали ја уништуваат природата, ги пресушуваат реките и го истребуваат живиот свет, а немаат речиси никаков економски бенефит.
„После 80 дена блокади и јасен став дека никој тука не сака мали хидроцентрали има обиди една од најчистите реки во Македонија да се претвори во пустина. Главното прашање е зошто Кожуф се уште не е прогласен за национален парк. Дали бидејќи Владата и неколку поединци решиле да ја продадат природата која не е нивна за сметка на животот на сите други луѓе“, велат од иницијативата Зелена народна стража.

Во јуни во Гевгелија, во организација на Центарот за климатски промени се одржа форум „Дијалог за иднината на Кожуф“ на кој беше заклучено дека вво следниот период е неопходно да се направи теренска анализа на биолошката разновидност, пределските карактеристики вклучително и социо-економските аспекти на подрачјето за да се утврдат природните вредности и потенцијалниот степен на заштита на Кожуф планина.

Фото: Мета.мк

„Планината се одликува со разновиден релјеф, значајни геолошки и геоморфолошки појави, развиена хидрографска мрежа и исклучително богата биолошка разновидност. На нејзината територија се среќаваат карстни и глацијални форми, палеовулкански појави, бројни извори и водотеци, како и вредни шумски и планински екосистеми. Посебно значење има богатството на растителниот и животинскиот свет. Кожуф претставува живеалиште на повеќе ендемични и ретки видови, меѓу кои Алшарската темјанушка (Viola allchariensis), Арсеновата темјанушка (Viola arsenica), Алшарската матерка (Thymus alsarensis), Кавадаречкиот различник (Centaurea kavadarensis) и други видови со ограничето распространување и висока научна вредност“, посочуваат од ЦКП и додаваат дека подрачјето е дел од Емералд мрежата согласно Бернската конвенција, а воедно е идентификувано како значајно подрачје за птици, растенија и пеперутки.

Претходно, во јануари, Владата донесе одлука да даде зелено светло и на инвеститорот на двете мали хидроцентрали да му ја продолжи концесијата.

„Владата ја разгледа Информацијата со податоци за сите доставени барања за продолжување на рокот за изградба и почеток со комерцијална работа на малите хидроелектрични централи врз основа на утврден застој, кога застојот не е предизвикан по вина на концесионерот и ја усвои со следните заклучоци – Се овластува министерот за животна средина и просторно планирање, во име на Владата, по претходно доставен предлог од Комисијата за вршење на постојан и редовен надзор на начинот на вршење на концесиска дејност, за утврден застој кој не е по вина на концесионерот, да склучува анекси на договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи за продолжување на рокот за изградба и почеток со комерцијална работа. Тоа важи и за договорот за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад, со бр. 02-2794/1 од 5.4.2022 година, на концесионерот Хидро Дошница ДОО Скопје“, наведено е во записникот од владината седница.