Нови 17 амандмани се поднесени од еколошките здруженија за законот за животна средина кој денеска ќе го разгледува Комисијата за транспорт, дигитална трансформација и животна средина. Екологистите апелираат до пратениците, членови на Комисијата да ги прифатат и самите да ги поднесат амандманите на законот, за кои сметаат дека се клучни за да се обезбеди вистинско учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки, проектите да се оценуваат според јасни и еколошки критериуми, загадувањето и емисиите да не можат да се кријат, а заштитата на животната средина да не остане на хартија.

Еколошките здруженија особено се обратија до пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е член на Комисијата, но и координатор на Зелената парламентарна група, за која велат дека немала ниту еден состанок откако е формирана. Тие апелираа ваков тип на предлог-измени на закони да се разгледуваат прво го Зелената група, пред да дојдат до пратениците.

Екологистите, во предложените 17 амандмани бараат реконструкцијата на постоечка инсталација од тешка и загадувачка индустрија на помалку од 5 километри од населено или заштитено подрачје да може само ако има важечка А-интегрирана еколошка дозвола и ги исполни сите други законски обврски. Со овој амандман јасно се одделува кој може, а кој не да изврши реконструкција, а неактивни и напуштени инсталации на тешка индустрија нема да можат да се
рестартираат под изговор на реконструкција. Се бара и елаборатите да се објавуваат пред да бидат одобрени, јавноста да има 15 дена за забелешки, институцијата задолжително да ги разгледа и да образложи што прифатила или одбила, а засегнатите граѓани и еколошките здруженија да имаат право на жалба. Ова, според екологистите е важно бидејќи со елаборати се одобруваат и каменоломи, рудници, постројки за третман и преработка на пластика, хемиска индустрија, третман на опасен отпад кои може значително да загадуваат, а  законот и со новиот предлог измени не предвидува јавноста, која ги трпи последиците, да биде вклучена пред да се одобри елаборатот.
Еден амандман предвидува да не се избришат контаминираните подрачја од законот, да останат одредбите за идентификација, прогласување, управување и ремедијација на контаминирани локации, како и принципот „загадувачот плаќа“, сè додека оваа материја навистина не биде уредена со нов Закон за почви. Да има и споредливи национални и годишни општински извештаи, со иста единствена методологија, минимална содржина и показатели за загадувањето, притисоците, трендовите и мерките, и тие да бидат јавно објавени.
Се бара и со Студијата за оценката за влијание врз животната средина задолжително да се оценува и кумулативните влијанија, биодиверзитетот и заштитените видови и живеалишта, како и ранливоста на проектот на големи несреќи и катастрофи, како што тоа го бара Директивата, со која предложените измени се усогласуваат. Законот да ја одреди и минималната содржина на Студијата, а Комисијата што ја проверува ОВЖС студијата мора да има стручност соодветна на
конкретниот проект.

Амандманите бараат да се утврдат и минималните податоци од инвеститорот, односно во самиот Закон да стои дека известувањето мора да содржи податоци за целиот проект, локацијата, чувствителноста на подрачјето, емисиите, отпадот, природните ресурси и можните значајни влијанија, како и можност пред Министерството да одлучи дека за некој проект не е потребна ОВЖС, документацијата да биде јавна и граѓаните да имаат 15 дена за забелешки. Екологистите бараат молчењето на институциите да не се смета за согласност, а податоците за емисиите не смеат да бидат деловна тајна. Јавниот оглас за јавните расправи да биде објавен најмалку 15 дена однапред, расправата да биде достапна за засегнатите граѓани, да присуствува одговорниот експерт, а забелешките, заклучоците и видео-записот од расправата да бидат јавно објавени.
Со амандманите се бара и рокот за донесување на потребните подзаконски акти да се скрати од 12 на 6 месеци, за Законот побрзо да почне реално да се применува.