Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Министерството за здравство денеска информира дека во последните 24 часа починаа пет пациенти како последица од корона вирусот. Направени се 1.120 тестирања а регистрирани се нови 35 случаи на Ковид-19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје (69г.) хоспитализиран на 15 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Струга (70г.) примен во болницата на 17 мај, двајца од Скопје, на возраст од 70 години, примени на 28 мај, и 47 годишен пациент кој бил на болничко лекување од 21 мај. Во денешниот извештај на ИЈЗ е евидентирано и бебето од Скопје кое, на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија, каде почина. Тоа беше хоспитализирано на Детската клиника и имаше позитивен резултат на Ковид-19.

Во последните 24 часа направени се 1.120 тестирања. Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 2.164, бројката на оздравени пациенти е 1.535, на починати е 131, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 498, од кои во Скопје се 248.

Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 487 се во рамки на скринингот во градинки и геронтолошки установи, шри што е потврден еден позитивен случај во градинка во Тетово. Досега во рамките на скринингот се направени 3.502 тестирања, а има вкупно 6 позитивни случаи на Ковид-19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 примени се 4 пациенти, а хоспитализирани се вкупно 40. Потешко болни и на кислородна поддршка се 19. Во ГОБ „8 септември“ примени се 10 нови, а вкупно хоспитализирани има 38 пациенти. На респираторна машина се 7, a со потешка клиничка слика се исто така, 7 пациенти. Во болницата во Битола има 3 пациенти, а на домашно лекување се следат уште двајца. Во болницата во Штип се хоспитализирани 15, а на домашно лекување се 10 пациенти. На инфективните одделенија во Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 29 пациенти -позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Оздравени се 19 пациенти, во Скопје 8, Куманово 3, Прилеп 2, во Тетово и во Велес по еден, Битола 2 и во Неготино 2 случаи.