Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа се регистрирани  22 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје (9), Куманово (3), Струга (3), Тетово (2), Дебар (2), Прилеп (2), Битола (1). Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12.00 часот изнесува  241 лице.

“Според местото на живеење, досега случаи се регистрирани во Скопје 143, Дебар 45, од кои 2 починати, Куманово 20, од кои 1 починат, Штип 8, Прилеп 8, Тетово 4, Охрид 3,  Велес 3, Струга 3, од кои 1 починат, Кавадарци 2, Гостивар 1 и Битола 1.

„Утрово почина пациентка на 66 годишна возраст од околината на Струга. Таа и нејзиниот сопруг се дијагностицирани позитивни на корона вирусот во текот на вчерашниот ден. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и зголемен крвен притисок. Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба, во Дебар на 13 Март, биле на гости и имале контакт со еден од заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на корона вирус, семејството било во домашна самоизолација.
Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјалот за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден“, соопштија од Министерството за здравство.

Се додава дека поради нагло влошената состојба на пациентката матичниот лекар веднаш и препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница.

„Министерството најавува целосна ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај“, се вели во соопштението и се додава дека во текот на вчерашниот ден е направено тестирање на персоналот на Клиниката за кардиологија и сите тестови се негативни на Ковид-19.