fbpx

Новата амбасадорка на САД му ги предаде акредитивите на Пендаровски

-

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во земјава, Кејт Мари Брнз, со што таа и официјално стапи на должност.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски, посакувајќи ѝ на новата амбасадорка успешно вршење на функцијата, порача дека нејзиното именување, како добар познавач на регионот и на земјава, е „уште една потврда на одличните политички односи и плодната соработка меѓу двете пријателски држави“.

– Одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи следната година треба да даде дополнителен импулс за натамошно негување и зајакнување на стратегиското партнерство и политичкиот дијалог меѓу нашите пријателски земји, како и за продлабочување на соработката во сите останати области. Дозволете, во оваа прилика, да изразам голема благодарност за континуираната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави и ја дават на нашата држава од самиот почетокот на нејзината независност. Таа поддршка, посебно изразена во доменот на остварувањето на стратешките цели – целосно интегрирање во Евроатлантските структури и организации – не е само доказ за цврстото пријателство, туку и суштествен поттик и охрабрување за успешно соочување со сите предизвици во денешниот свет на постојани промени – рече Пендаровски, изразувајќи увереност дека и во иднина ќе продолжи безрезервната поддршка од САД за земјава.

Новата амбасадорка на САД, пак порача дека ѝ е задоволство што стапува на должност во значаен период на двете земји, кога се очекува Македонија да стане полноправна членка на НАТО.

– Ми претставува особено задоволство да го започнам мојот мандат во овој клучен период за односите помеѓу нашите две земји. Со нетрпение очекуваме, до крајот на годината, да ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО алијансата. Како сојузници, нашите односи ќе стануваат посилни, поврзани преку нашата заедничка заложба за мир, безбедност и просперитет во регионот и пошироко.
Во очекување на овие случувања, ние продолжуваме да работиме врз основа на веќе изградените цврсти темели и на традицијата на партнерство. Повеќе од 25 години работиме заедно и постигнавме многу во унапредувањето на нашите заеднички цели – да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана во западните институции и целосно посветена на нашите заеднички вредности – демократија, индивидуална слобода, и владеење на правото. Нашите две земји се посилни поради нашата соработка – рече Кејт Мари Брнз.

Таа напомена и дека со задоволство очекува да научи повеќе за земјава.

-Лично, се радувам што ќе ја искусам убавината и различностите на Северна Македонија и што ќе научам повеќе за вашата динамична култура, за традициите и за историјата на вашата земја. Ќе барам можности за споделување на културата на Соединетите Држави и за градење на мостови помеѓу граѓаните на двете земји – рече американската амбасадорка на церемонијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...