Бројот на жртвите од невремето и од поплавите во Грција се искачи на пет лица, откако доцна ноќеска беше пронајдено безживотното тело на 30-годишен маж во областа Ксилокастро кај Коринт.

Претпоставките се дека човекот бил заглавен во автомобилот кога почнало невремето и во обид да излезе од него и да отиде на безбедно место, бил повлечен од најдојдените води.

Голем дел од Пелопонез е одново поплавен по синоќешното невреме и по силните врнежи од дожд. Проблеми има во Коринт и во Трикала, каде се поплавени голем број куќи. Дел од патиштата се повторно отсечени, а противпожарните служби цела ноќ интервенираа на терен за да се помогне да се извлече водата од поплавените куќи.

Тие интервенирале во извлекувањето на едно возило и на еден камион заглавени на локален пат во Трикала, а слична интервенција имаше и на автопатот кај градот Ламиа, каде беа заглавени повеќе автомобили и камиони.

Денеска за сообраќај е затворен и дел од автопатот Егнатиа, кој се поплави поради силните врнежи изминатите два дена, за противпожарните служби да може да ја испумпаат водата. Сообраќајот е пренасочен преку стариот пат Кожани – Јанина.