Нова студија: Зелената енергија „стагнира“, доминираат фосилните горива

фото: Chris LeBoutillier на Unsplash

Светот користи повеќе фосилни горива повеќе од кога било порано, додека транзицијата кон зелената енергија забавува, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на податоци од нова студија.

Според Извештајот за глобалниот статус на обновливите извори за 2022 година, уделот на ветерот и сончевата енергија во глобалното енергетско производство се зголемил минимално во последната деценија.

Иако учеството на обновливите извори на енергија во секторот за електрична енергија минатата година значително се зголеми, сепак не била исполнета целокупната зголемена побарувачка за зелена енергија.

Во транспротот, кој сочинува една третина од енергијата, обновливите извори обезбедуваат помалку од 4 отсто. Автомобилите, камионите, бродовите и авионите учествуваат со 32 отсто во вкупната потрошувачка на енергија, но зелената енергија минатата година во овој сектор учествувала со само 3,7 отсто.

Според авторите на студијата, ситуацијата во Украина го влошила овој тренд.

Студијата покажува дека транзицијата кон обновливите извори, во суштина, е запрена. Употребата на јаглен, нафта и гас продолжува да доминира во вкупната потрошувачка енергија.

„Уделот на обновливите извори на енергија во последната деценија се помести од 10,6 отсто на 11,7 отсто, но фосилните горива, целиот јаглен и гас се поместија од 80,1 на 79,6 отсто. Значи, транзицијата стагнира“, вели Рана Адив, извршна директорка на РЕН21, меѓународната мрежа за енергетска политика која ја спроведе студијата и додава дека „бидејќи побарувачката за енергија расте, тоа значи дека трошиме повеќе фосилни горива од кога било порано“.

Со „опоравувањето“ на светот по ковид-пандемијата во 2021 година, забележан е значителен пораст во севкупната употреба на енергија во светот, најмногу преку фосилни горива, што пак резултираше со голем пораст на емисиите на јаглерод, кои на глобално ниво се зголемија за околу 2 милијарди тони.

Оттогаш се зголемија цените на нафтата, гасот и јагленот, бидејќи испораките не можат да бидат во чекот со побарувачката.

Истражувањето забележува и дека има недостиг на напредок во политичките ветувања дадени на КОП26, меѓународната конференција за клима. Настаните во светот во последните шест месеци и зголемените цени на енергијата значат дека владите сега посегнуваат по секоја алатка за да го олеснат товарот на нивните граѓани.

Ова, сепак, може да доведе до голем пораст на трошоците за позелени извори, бидејќи тие се поевтини од фосилните горива, но и попривлечни од многу други причини, се вели во студијата.