„Загадувањето на реките во светот предизвикано од медицинските и фармацевтските производи претставува закана за околината и глобалното здравје“, откриваат податоците од новонаправена студија, пренесува Би-би-си.
Во студијата спроведена од Универзитетот Јорк во Англија, како главни загадувачи се наведени парацетамолот, никотинот, кофеинот и лековите наменети за епилепсија и дијабетес.
Најазагадени во светот се реките во Пакистан, Боливија и Етиопија, додека со најдобра оценка според студијата се реките во Исланд, Норвешка и Амазонската прашума.
Медицинските производи завршуваат во реките главно по нивна употреба на луѓето и животните кои подоцна ги исфрлат од својот организам во канализацискиот систем или директно во околината, а некои истекуваат во реките и езерата директно од фармацевтските фабрики.
Со истражувањето е направено тестирање во над 1.000 реки што се наоѓаат во повеќе од 100 држави во светот. Во 258 реки се пронајдени активни фармацевтски состојки
„Она што се случува е следново: ние ги консумираме овие хемикалии, некои од нив ни го овозможуваат посакуваниот ефект, а подоцна го напуштаат нашето тело“, изјавил за Би-би-си, д-р Џон Вилкинсон кој го предводел истражувањето.
„Тоа што досега го знаеме е дека дури и најефективните современи станици за третман на отпадните води ја немаат моќта целосно да ги разградат овие соединенија пред истите да завршат во реките и езерата.“, посочува Вилкинсон.
Најчести лекови пронајдени во реките при студијата биле карбамазепин што се користи за третирање на епилепсијата и метформин за дијабетес.
„Оваа ситуација само ќе продолжи да се влошува како што ние се повеќе употребуваме фармацевтски решенија за лекување на нашите болести, без разлика дали се тие физички или ментални“, смета д-р Вероника Едмондс-Браун, екологист за вода на Универзитетот Хертфордшир во Велика Британија.
Студијата покажува и дека зголемената присутност на антибиотиците во реките ќе води кон развивање на отпорни бактерии што ќе го намали ефектот на лековите и ќе предизвика глобална закана за околината и здравјето.
На прашањето кои мерки треба да се преземат за да се подобри оваа ситуација, д-р Вилкинсон вели: „Ќе биде потребно многу попаметни луѓе од мене да го посочат одговорот и да го пронајдат вистинското решение, но нешто што во овие услови сега може да се направи е умереното консумирање на лекови од страна на луѓето.“
Студии и истражувања за загадувањето на реките предизвикано од фармаветската индустрија се прават на годишно ниво на различни универзитети и институти во светот. Загадувањето секоја година се покачува, додека во моментов, најновите информации покажуваат дека ситуацијата е навистина загрижувачка.