Нова платформа за финансиска поддршка на младински социјални претпријатија

Фото: Национален младински совет на Македонија

Граѓанските организации и млади индивидуи или тимови кои имаат идеја за сопствен бизнис, меѓутоа немаат почетен капитал кој може да го вложат за развој, oсновање или унапредување, од сега можат да користат дигитална платформа преку која можат да собираат средства за формирање на социјално претпријатие.

Со цел да се поттикне економско зајакнување и развој на социјални претпријатија предводени од млади, Националниот младински совет на Македонија подготви веб-платформа за финансиска поддршка на социјални претпријатија – „Млади претприемачи“.

„Млади претприемачи“ претставува крауд фандинг (crowd funding) односно алатка за друштвено финансирање, преку која младите можат да собираат средства за формирање на социјално претпријатие. Претприемачите ги претставуваат своите иницијативи на платформата и преку кампања за друштвено финансирање, потоа можат да соберат финансиска поддршка од јавноста за реализација на нивната идеја.

Платформата е отворена за користење за веќе постоечки социјални претпријатија. Дополнително, истата е замислена и како ресурс за постоечки и нови иницијативи, нуди помош во секој чекор од процесот на реализација на бизнис идејата, како и информации за поддршка на социјалното претприемништво, надоградување на младите претприемачи, споделување на знаење и вмрежување.

Во склоп на платформата поставени се и првиот регистар на социјални претпријатија, како и основна студија за социјалните претпријатија во земјава.

Новата дигитална платформа „Млади претприемачи“ е подготвена во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“, кој НМСМ го спроведува со финансиска поддршка на ЕУ. Проектот се стреми да обезбеди можности за градење на капацитетите на невработените млади лица, a истовремено да ги води низ процес на саморазвој и раст во полето на социјалното претприемништво, како модерен начин на самовработување. Целта на проектот е да го зголеми интересот на младите за социјално претприемништво преку креирање различни можности во оваа област, што би резултирало и со зголемен број на социјални претпријатија.