Нова медиумска стратегија на СДСМ: Шекеринска во прв план, Заев ќе одмори од живи ТВ-настапи

По гостувањето на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во емисијата „Топ-тема“ на телевизијата „Телма“ и по неколкудневното отсуство на Зоран Заев од медиумски настапи во директно пренесувани програми, се отвори темата за нова стратегија на оваа опозициска партија. Како што се дознава неофицијално, раководството на СДСМ одлучило лидерот на партијата, Зоран Заев, да одмори од настапи по медиумите во живо.

Причината за ваквата стратегија биле честите настапи на Заев по телевизиите во изминатиот период, но и претпазливоста тие да не наштетат на истрагата околу кривичната пријава за поткуп поднесена од МВР.

Овие информации ги демантираат од СДСМ. Портпаролот, Петре Шилегов, тврди дека таква стратегија како одлука на раководството нема.

– Секој сам си одлучува каде ќе гостува. Еве, гостуваме и јас и Шекеринска и Заев – ни изјави Шилегов.