Нова контроверза за акцијата во Куманово: И полицаец бил меѓу терористите?

Меѓу уапсените припадници на терористичката група, што пред десетина дена беше разбиена во Куманово, сепак, има и полицаец, потврди за „Мета“ помошникот-министер за односи со јавноста на Министерството за внатрешни работи (МВР), Иво Котевски.

На нашето прашање дали е точно дека меѓу приведените во акцијата во Куманово имало и полициски службеник, Котевски одговори: „Да, мислам дека е точно“.

Истото прашање го испративме и до Јавното обвинителство, но оттаму не добивме никаков одговор.

Информацијата за полицаецот вчера ја обелодени народниот правобранител, Иџет Мемети, кој реагираше во јавноста дека притворениот полицаец бил малтретиран и измачуван од своите колеги при полициската акција во Куманово и дека не му било дозволен влез во истражниот затвор „Скопје“, во населбата Шуто Оризари.

Запрашан за коментар за реакцијата на Мемети, Котевски за „Мета“ вели дека „соработката на МВР со Омбудсманот е добра и, како и досега, тие ќе одговорат на секое негово барање или претставка“.

Тој немаше информација дали Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС) отворил постапка по наводите на Мемети.

– Доколку од Народниот правобранител е поднесено барање до Секторот за внатрешна контрола, сигурно ќе биде постапено по него – вели Котевски.

Дел од контроверзните шпекулаци што можеа да се слушнат по акцијата во Куманово изминатите денови почнаа да се потврдуваат.

Еден од припадниците на групата, во разговор со косовските медиуми, рече дека бил приведен во полициската акција во Куманово, но успеал да ѝ побегне на полицијата, кога го однеле да им го покаже местото каде било сокриено оружјето украдено при нападот на караулата Гошинце, на 21 април.

Ова тврдење не беше демантирано или негирано од ниту една од надлежните институции во земјата.

Од Обвинителството потврдија дека бројот на убиени терористи во акцијата е десет, а не 14, како што информираше МВР претходно и дека сè уште се чекаат официјалните извештаи од обдукциите на нивните тела, но и на телата на загинатите припадници на безбедносните сили.

Контроверзите доплнително се подгревани од дел од германските медиуми. Берлинскиот весник „Тагесцајтунг“, во својата репортажа за случувањата во Куманово, прашува „Како беа убиени осумте полицајци и зошто веќе следниот ден беа погребени: да не налетале на куршумите на сопствените колеги?“