Дел од насловната корица на книгата | Фото: Издавачка куќа „Везилка 2011“

Во издание на „Везилка 2011“, излезе од печат најновата книга на македонскиот поет Ристо Лазаров со наслов „Лилјаци“.

Оваа обемна книга, на 172 страници, е структуирана како и последните десетина книги на овој автор (седум циклуси по седум песни плус една воведна песна) и интензивно комуницира со стварноста.

Во поговорот на книгата, писателот Васе Манчев подвлекува дека сета поетска уметност на Лазаров е длабоко и цврсто втемелена во објективната реалност. Таа, следствено, и се раѓа, и функционира само во границите на познатата човекова стварност и она што во таа реалност е човековиот свет.

„Услов за значенско пеење кај таквиот тип уметничко создавање е, освен контекстот во кој настанува и поетскиот текст, да биде целосно во реалноста. Тоа, всушност, во пресудна мера го определува и овозможува високиот квалитет на поетска уметност на овој македонски поет. Наспроти императивниот реализам на поетот Лазаров, оваа негова книга посебно значајна и занимлива ја прави и впечатливо присутната фантастика, од елемнти до развиени облици, речиси во сите песни.Но, нужно е да се нагласи дека таа фантастика, во оваа негова книга посебно, не е интендирана, ниту однапред планирана, подготвена и вградена во чистото реалистичко ткиво, туку настанува и се пројавува како резултат на новооткриените и изменетите значења на зборовите, синтагмите и стиховите во самите песни, во дури најнеочекуваните споеви со нив,“ пишува Манчев.

Во „Лилјаци“, го завршува својот предговор Васе Манчев, точно се знае што се пее, за што се пее, какво е секое значење во уметничката комуникација и зошто поетското дело е богата уметничка повеќезначност. Со таква творечка постапка, со толку скапоцени плодови од неа (мора да се признае не само во оваа книга, туку и во претходните) поетот Ристо Лазаров постигнува творечки нивоа високи колку највисоките постигања на многу поети чии дела се во врвот на светската книжевност.